Динг во полуфиналето на Светскиот куп беше подобар од Ју, а Раџабов од Вашер-Лаграв. На Турнирот на кандидатите за предизвикувач на светскиот првак Карлсен ќе играат осум шахисти, а од претходно е пласиран и Каруана
Со првата од предвидените четири партии со класично темпо на размислување, денеска во рускиот град Канти Мансијск треба да почне финалниот дуел на Светскиот куп (СК) во шах (играа 128 шахисти, според нокаут-систем), помеѓу Кинезот Лирен Динг (2.811 рејтинг-поени, рангиран трет во светот) и Азербејџанецот Тимур Раџабов (2.758, рангиран 15-ти).
За третото место треба да играат поразените од полуфиналето, Кинезот Вангуи Ју (рејтинг 2.763) и Французинот Максим Вашер Лаграв (рејтинг 2.774). Ако биде нерешено и во двата дуела ќе се игра дополнителен тајбрејк, со партии со забрзано темпо. Финалистите се пласираа на Турнирот на кандидати за предизвикувач на светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен. На тој турнир ќе играат осум шахисти, а од претходно е пласиран и Американецот Фабијано Каруана, како светски вицешампион.
Динг (27), кој лани загуби во финалето на СК од Ерменецот Левон Аронијан (2-4), вторпат ќе игра на Турнирот на кандидатите. На првиот турнир во 2018 година во Берлин го освои 4-то место од осум шахисти. Тој во полуфиналето на СК ја доби во 43-от потег втората партија со забрзано темпо (двапати по 10 минути) со бели фигури.
– Неодамна одигравме многу брзи и блиц-партии, понекогаш јас победував, понекогаш тој, па резултатите ни беа избалансирани – рече поразениот Ју, чие мислење го делеше и победникот Динг.
Раџабов (32) досега не бил меѓу првите четворица во СК, а само еднаш настапил на Турнирот на кандидатите (во 2013 година, во Лондон), кога завршил последен, осми (четири поени од 14 партии). Затоа по малку изненадувачки е годинашниот пласман во СК, особено ако се има предвид дека по неуспехот во Лондон тој почна да го намалува бројот на турнирите на кои играше. Моментно тој на ранг-листата во живо се врати меѓу првите 10, првпат по шест години.
Вашер-Лаграв, пак, ќе се обиде во третиот обид да стигне до третото место, откако во 2013 година и во 2017 година загуби од Русинот Евгениј Томашевски, односно од Американецот Весли Со. Но тој уште може да биде дел од Турнирот на кандидатите, оти има добри изгледи да заврши на првото или на второто место на гранпри-серијата турнири за годинава, а ги исполнува сите услови да добие и вајлд-карта од ФИДЕ.