По 2-то коло на Затвореното сениорско првенство на Македонија водат Панчевски, Лазов и Георгиев со по максимални два поена

ИМ Филип Панчевски (рејтинг 2.500), ФМ Тони Лазов (2.295) и ВМ Кирил Георгиев (2.588) водат по 2-то коло на Затвореното сениорско првенство на Македонија во шах, кое до 28 мај се игра во х. „Континентал“ во Скопје, во 9 кола (Бергеров систем) со по две победи. Во конкуренција на 10 шахисти, ФМ Љубиша Андоновски (2.276) ја оствари првата победа, а ИМ Орце Данчевски (2.341) и Емил Крстев (2.035) првите ремија. Засега без поени се ФМ Роберт Велески (2.189) и младиот Емил Ристески (2.035).

Мошне возбудливо беше дербито помеѓу Станојоски и Панчевски, партија која беше и најдолга на колото (пет и пол часа) и која заврши со победа на Панчевски (86 потег), а беше играно отворањето Руи-лопез.

– Исто како и во првото коло и против Станојоски одиграв интересна и динамична партија. Мојата жртва на квалитет не беше коректна, но противникот не се бранеше најдобро, па се здобив со опасен напад. Пред крајот на временската контрола имав можност брзо да ја добијам партијата, но не ги најдов најпрецизните потези – вели Панчевски, кој е второрангиран на првенството.

Убава победа оствари и младиот Лазов против Велески, откако во модерно отворање, двата поврзани пиони и еден ловец на страната на дамата се покажаа како решавачки против осамениот црн топ. Квалитетна игра прикажа и Андоновски, кој во класична холанска одбрана освои значаен поен против репрезентативецот Николовски. Во убав комбинаторен стил првиот фаворит за титулата, Георгиев, во кралева-индиска одбрана (варијанта фијанкето) освои квалитет против Ристески, додека првото реми на првенството во кралева-индиска одбрана беше видено помеѓу Данчевски и Крстев по 28 одиграни потези.


Резултати 2. коло
ФМ Андоновски (2.276) – ИМ Николовски (2.391) 1-0 (63. потег)
ИМ Данчевски (2.341) – Крстев (2.035) реми (28)
ВМ Станојоски (2.447) – ИМ Панчевски (2.500) 0-1 (86)
ВМ Георгиев (2.588) – Ристески (2.130) 1-0 (44)
ФМ Лазов (2.295) – ФМ Велески (2.189) 1-0 (56)