Книгата „Спортски стории: записи, настани и сеќавања“ на доајенот на македонското спортско новинарство, Зоран Михајлов, денеска ќе биде промовирана во салата за конференции во СЦ „Борис Трајковски“, Скопје. Книгата, која е во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“, содржи помалку познати приказни за успесите на македонските спортисти низ историјата и за средбите со светските спортски асови.
Од прва рака, легендарниот спортски коментатор сведочи за важни спортски, историски моменти, се сеќава на најзначајните личности, натпревари, олимписки игри и првенства низ светот, што ги следи во својата 55-годишна кариера. Настанот ќе биде збогатен и со проекција на краток документарен филм посветен на долгогодишната кариера на легендарниот спортски коментатор Михајлов.