Маратоните и трките во брзо одење на Летните олимписки игри (ЛОИ) 2020, кои минатиот месец Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) од Токио ги префрли во Сапоро, најверојатно, ќе почнат и ќе завршат во паркот „Одори“.
Сапоро, кој се наоѓа во северниот дел од Јапонија и е оддалечен 800 км од Токио, е избран за да се избегне летната жештина во главниот град.
Според весникот „Кјодо њуз“, патеката ќе биде долга 20 км, слична на онаа за маратонот во Хокаидо, што се трча секоја година, и која тркачите ќе мора да ја поминат двапати. Машкиот маратон најверојатно ќе се одржи на 9 август (женскиот е закажан за 2 август), како што и е најавено, на последниот ден од Летните олимписки игри.
Тоа значи дека маратонците по трката ќе мора со авион да патуваат за Токио на доделувањето на медалите, кои традиционално ги добиваат пред почетокот на свеченото затворање на Игрите. Сиве овие најави и планови ќе треба да бидат одобрени од Интернационалниот олимписки комитет, најверојатно на состанокот на Извршниот одбор во почетокот на декември.