Од годинава во решавачкиот сет ќе се игра тајбрејк по 12-12 во гејмови. Од 2000-та имало 28 меча на машкиот турнир, во кои во петтиот сет се играло повеќе од 20 гејма и само во два случаја победникот поминал и следното коло на турнирот

Од понеделник двајца играчи, без оглед на рангирањето или статусот, можат да влезат во историјата на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон, ако нивниот натпревар биде изедначен 12-12 во решавачкиот сет (трет за жените, петти за мажите), поради новото правило на овој турнир, за т.н. тајбрејк. Досега на Вимблдон не се играше тајбрејк во решавачки сет, туку се играше до два гејма разлика. Рекордот од 2010 година го држат Џон Изнер и Николас Мау, кога во петтиот сет Изнер победи со 70-68.
Но, колку и да изгледа оваа измена трансформативна, можеби нема да ја реши најлошата карактеристика на „прекувремената работа“ во петтиот сет, а тоа е влијанието што го има врз пласманот во следните рунди од турнирот. Така, од 2000 година имало 28 меча на машкиот турнир, во кои во петтиот сет се играле повеќе од 20 гејма (резултат 10-10) и само во два случаја победникот на тој меч го поминал и следното коло на турнирот, пишува ЕСПН.

Во 2017 година, Новак Ѓоковиќ не можеше да го доврши својот меч од 4. коло на закажаниот ден, бидејќи времето беше потрошено од петтиот сет на мечот пред тоа, во кој Жил Милер го победи Рафаел Надал со 15-13 (Милер во следното коло загуби во пет сета). Ѓоковиќ подоцна рекол: „Откако еден играч ќе одигра меч од пет-шест часа и ќе се врати следниот ден на нов натпревар, тоа не е она што го бара вашето тело. Ако веќе сте стигнале до 6-6 во петтиот сет, можеби треба да одлучува тајбрејк“.

На другите гранслем-турнири, на Австралија опен и на САД опен се игра тајбрејк по 6-6 во решавачкиот сет, но во Мелбурн до 10 поени, а во Њујорк до седум (тајбрејк во секој друг сет се игра до седум освоени поени). На Ролан Гарос нема тајбрејк во решавачкиот сет.


НАЈДОЛГИ МЕЧЕВИ НА ВИМБЛДОН, МАЖИ
ГЕЈМОВИ КОЛО/ГОД. ДУЕЛ 5. СЕТ
138 1/2010 Изнер – Мау 70-68
50 полуфинaле/2018 Андерсон – Изнер 26-24
38 4/2000 Филипусис – Шалкен 20-18
36 4/2016 Цонга – Изнер 19-17
36 1/1987 Мекнами – Нелсон 19-17

НАЈДОЛГИ МЕЧЕВИ НА ВИМБЛДОН, ЖЕНИ
32 2/1995 Рубин – Буле 17-15
30 1/2008 Џорџ – Среботник 16-14
26 1/1993 Аренд – Демого 14-12
26 1/1975 Шалоне – Гуеди 14-12
24 4/1978 Марсикова – Меј 13-11