Жителите на канадскиот град Калгари гласаа против кандидатурата за домаќин на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2026 година. Против беа 56 отсто од гласачите. Иако гласањето не е официјално, тоа најверојатно ќе влијае врз одлуката на градскиот совет на Калгари, кој ќе го има последниот збор и ќе треба официјално да се изјасни до утре. Без Калгари, кој беше домаќин на ЗОИ 1988, како потенцијални домаќини на ЗОИ 2026 остануваат Стокхолм (Шведска) и заедничката италијанска кандидатура на Кортина д`Ампецо и Милано.
Но, според новинската агенција „Асошиејтед прес“, градските власти на Стокхолм „не сакаат да трошат пари на даночните обврзници“ за ЗОИ, што навестува дека е можно и тие да се откажат од кандидатурата. Во минатиот месец Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) листата со градови-кандидати ја намали на три, откако првично имаше седум интересенти. Меѓутоа Ерзурум, Сион, Сапоро и Грац или се откажаа или беа исфрлени од трката.
ИОК беше во слична ситуација и пред ЗОИ 2022, кога повеќето градови-кандидати се повлекоа и во игра останаа само Пекинг (домаќинот на ЗОИ 2022) и Алмати. ИОК ќе почне со примање на апликациите за организација на ЗОИ 2026 во јануари 2019 година, а одлуката треба да биде донесена на 24 јуни в година.