Шахистките на Гамбит (десно) на ЕКК

Шахистите на македонскиот првак Алкалоид (2.701 просечен рејтинг, рангирани први пред турнирот), во дерби-дуелот од третото коло на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Улцињ (Црна Гора), по голема и неизвесна борба, минимално се поразени со 2,5-3,5 поени од рускиот првак и актуелен европски шампион Медни Всадник (2.689-рангиран прв пред ЕКК).

Во сите шест партии се водеше неизвесна борба, а на моменти со минимална предност за Алкалоид. Сепак, решавачка се покажа партијата на петтата табла во која Павел Понкратов (2.619) го совлада Јури Криворучко (2.683), додека преостанатите дуели завршија со реми. Во четвртото коло Алкалоид за ривал ја доби српската екипа Итака (2.458, рангирана 16-та). По третото од предвидените седум кола, седум екипи (од вкупно 66) имаат по максимални шест бода, предводени од Молодежка од Русија, две имаат по пет, а потоа следува поголема група, со по четири бода, меѓу кои е и Алкалоид. 


Големо реми за Гамбит Асеко СЕЕ

Шахистките на скопски Гамбит Асеко СЕЕ (2.222, рангирани 11-ти пред турнирот), во третото коло одиграа нерешено 2-2 против квалитетната руска екипа СПБ (2.335, рангирана осма), што е голем успех. Нурѓул Селимова (2.370) и Белослава Крастева (2.261) ремизираа против Анастасија Бондарук (2.412), односно Евгенија Овод (2.347), Сандра Ѓукиќ (2.148) ја надигра Дина Беленскаја (2.302), а Викторија Бухтеева (2.110) го забележа првиот пораз на ЕКК од Ана Стјашкина (2.280). Противник на Гамбит Асеко СЕЕ во четвртото коло е српската екипа Јелица ПЕЛ (2.254, рангирана деветта). По три кола, македонскиот претставник е деветти, со три бода (осум по табли), а во водство се Серкл д`чес од Монако, украински Киев и чешки Нови Бор, сите со по пет бода, во конкуренција на 14 екипи. Г.И.