Американката Линдзи Вон, на простувањето од скијањето освои бронзен медал во спустот на СП во Оре, а на последната трка во професионалната кариера и стана првата скијачка што освојува медали на шест мундијали

„Каков крај на кариерата. Ви благодарам на сите“, напиша, меѓу другото, на Инстаграм, Американката Линдзи Вон по освојувањето на бронзениот медал во спуст на Светското првенство (СП) во Оре, Шведска, на последната трка во нејзината професионална кариера.
Со тој медал Вон (34) стана првата скијачка што освојува медали на шест различни СП (вкупно осум трофеи). Таа има два сребрени медала од 2007-та во Оре (спуст и супервелеслалом), две злата две години подоцна од Вал Д’Изер (спуст и супервелеслалом), сребро од 2011-та во Гармиш-Партенкирхен (спуст), бронза од 2015-та во Вејл (супервелеслалом), од 2017-та во Сент Мориц (спуст) и од Оре годинава (спуст). На 34 години Вон го собори сопствениот рекорд од пред две години за највозрасна скијачка, освојувачка на медал од СП.

Со петте освоени медали во спуст на СП, Вон се израмни со Австријката Анемари Мозер-Прел (три злата, сребро и бронза), во периодот од 1970 до 1980 година, и со Германката Кристл Кранц (три злата и две сребра), од 1934 до 1939 година.

Вон планираше да се „пензионира“ во декември годинава, но ги смени плановите поради константите болки во двете повеќепати хируршки санирани колена. Потоа се случи падот на супервелеслаломската трка на СП во Оре, кога заврши во безбедносните мрежи и, за среќа, без потешки повреди, што на некој начин ја принуди спуст-трката дефинитивно да ѝ биде последна, официјална. Со тоа таа го „затвори кругот“, бидејќи пред 12 години, токму во Оре, ги освои првите две големи одличја.
Вон по освојувањето на бронзата изјави дека во моментов тоа е најмногу што можела да стори.

– Секој спортист има свои предизвици и пречки во кариерата. Исто беше и со мене и можам да кажам дека успеав да се справам со нив и да излезам како победничка, на што се гордеам – рече Вон, која по враќањето во САД ја очекува седмата по ред операција на коленото.

Вон во трофејната колекција има и три олимписки медали (едно злато и две бронзи). Таа е најуспешната скијачка во Светскиот куп (СК) со 82 победи, само четири помалку од рекордните 86 на Швеѓанецот Ингемар Стенмарк. Вон, која има и 20 кристални глобуси во СК (четири за вкупен триумф, осум во спуст, шест во супервелеслалом и три во комбинација), најавуваше дека нема да се повлече додека не го надмине Стенмарк, но повредите и големите болки предизвикани од многуте скршеници не ѝ дозволија да продолжи да скија.

Нејзините колена се во лоша состојба. Секое утро кога ќе стане од кревет, како што вели самата, нејзиното тело пука и стенка како некоја 100-годишна куќа. Потребно ѝ е добро истегнување и половина час возење статичен велосипед пред да може телото нормално да профункционира.

Вон, во крајна линија, ќе биде како запаметена како една од најуспешните и најдобри спортистки во американската историја. Секое утро, до крајот на животот таа ќе се буди чувствувајќи болки. Тие болки ќе бидат потсетник за напорната работа, за менталната цврстина и за решителноста да се даде сѐ од себе. И кога телото велело не, таа не се предавала сѐ додека одговорот бил да. Тоа е величината на спортист и на човек.

Сега Вон конечно ќе може да му дозволи на своето тело малку да се одмори и да се придвижи кон следната фаза во животот.

– Со нетрпение очекувам малку да се олабавам и да закрепнам, вклучувајќи го и мојот ум, бидејќи долго време бев во стресни ситуации. Многу ми е мило што во реалниот свет, всушност, сум доста млада. Долго време се чувствував старо, бидејќи се натпреварував со девојчиња што се 15 години помлади од мене. Ете сега, во реалниот свет, јас сум нормална. Со триесет и некоја се чувствувам супермладо. Има многу убави работи пред мене на кои им се радувам – вели Вон, додавајќи дека воопшто не жали што се повлекува од скијањето.


ЛИНДЗИ ВОН
родена: 18.10.1984 во Минесота
победи во СК 82
кристални глобуси 20 (за вкупен триумф четири, осум во спуст, шест во супервелеслалом и три во комбинација
медали од СП 8 (две злата, по три сребра и бронзи)
медали од ЗОИ 3 (едно злато и две бронзи)
други достигнувања: највозрасна освојувачка на медал од СП, единствена што освојува медали на шест мундијали, рекордерка во победи во СК, заедно со Мозер-Прел и со Кранц има најмногу медали во спуст на СП (пет)