За да се сметаат за двојни победници, фудбалерите мора да настапат на финалните средби, пишува УЕФА. Деветмина фудбалери можат да се пофалат со титули во ЛШ и на ЕП во една година, а уште деветмина со клупска титула и трофеј на СП со репрезентацијата. Во 2021 година некои фудбалери ќе имаат можност да му се приклучат на „елитниот клуб“
Досега само деветмина фудбалери можат да се пофалат дека биле дел од „елитниот клуб“, односно што настапиле во финалињата при освојувањето на по две титули во иста година, во Купот на шампионите (КЕШ), сега Лигата на шампионите (ЛШ) и на Европско првенство (ЕП). На ист број фудбалери, девет, тоа им успеало во ЛШ и на Светско првенство (СП), објави Европската фудбалска унија (УЕФА) на својата интернет-страница.
На половина година пред завршните натпревари во двете европски натпреварувања, прашањето е дали и кој ќе им се придружи на деветтемина во 2021 година? Португалците Кристијано Роналдо и Пепе, клупски колеги од Реал Мадрид во 2016 година, се двајцата засега последни играчи на кои тоа им успеа. Тие имаа прекрасно, зачудувачко лето во 2016-та, кога прво триумфираа во ЛШ, победувајќи го Атлетико во финалето, а потоа и на ЕП, домаќинот, Франција.
За да се сметаат како двојни победници, фудбалерите мора да настапат на финалните средби. Вим Кифт, на пример, не е на тој список иако со ПСВ во 1988 година стана клупски европски првак, потоа и на репрезентативен план со Холандија, но не влезе во игра во финалето на ЕП против СССР, како и фудбалерот на Реал Мадрид, Николас Анелка, на ЕП 2000 година со Франција (во финалето беше поразена Италија), а неговиот соиграч Кристијан Карембе беше резерва на двата меча, во финалето на ЛШ и на ЕП, пишува УЕФА. Но две години претходно, во 1998 година, Карембе беше дел од тимот на Реал Мадрид што победи во финалето на ЛШ, и дел од репрезентацијата на Франција што стана светски првак.
Карембе е дел од „елитниот клуб“ што, исто така, го сочинуваат деветмина фудбалери, победници во КЕШ/ЛШ и на СП. Меѓу нив предничат шестмина Германци, членови на Баерн и на Германија од 1974 година.
ДВА ТРОФЕЈА ВО ИСТА ГОДИНА ЛИГА НА ШАМПИОНИ И ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО
ГОД. ИГРАЧИ (КЛУБ, РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА)
1964 Луис Суарез (Интер, Шпанија)
1988 Ханс ван Брукелен, Роналд Куман, Бери ван Ерле,
Џералд Ваненберг (ПСВ, Холандија)
2012 Фернандо Торес, Хуан Мата (Челси, Шпанија)
2016 Кристијано Роналдо, Пепе (Реал Мадрид, Португалија)
ЛИГА НА ШАМПИОНИ И СВЕТСКО ПРВЕНСТВО
ГОД. ИГРАЧИ (КЛУБ, РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА)
1974 Сеп Маер, Паул Брајтнер, Ханс-Георг Шварценбек,
Франц Бекенбауер, Герд Милер, Ули Хенес (Баерн, Германија)
1998 Кристијан Карембу (Реал Мадрид, Франција)
2002 Роберто Карлос (Реал Мадрид, Бразил)
2018 Рафаел Варан (Реал Мадрид, Франција)