На 5 октомври (петок) под покровителсто на познатиот спортски работник, Трифун Костовски, а во договор со Општината Битола и Битолски весник, во пресрет на празникот 11 Октомври, во Битола ќе се одржи првиот меморијален турнир за ветерани во фудбал и ракомет „Мате Шундовски”.

На турнирот кој ќе се одржи на стадионот под Тумбе Кафе и спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе настапат екипите на Пелистер и Победа (фудбал) и екипата на РК Пелистер и селекцијата на Пепи Манасков, како и екипата на Кире Лазаров 7 во ракомет.

Со организацијата на овој турнир, кој според организаторот, ќе биде традиционален, ветераните ќе ги вратат сеќавањата за познатиот диригент на битолските навивачи, Мате Шундовски.

На тој начин Битола ќе му се оддолжи на популарниот Мате за се што тој направи за афирмација на спортското навивање и на спортот во Битола.

Натпреварите ќе се играат на 5 октомври, а по завршувањето на натпреварите во хотелот Епинал ќе се одржи свечено врачување на признанијата и голема забава за учесниците на турнирот.

Според зборовите на покровителот на турнирот, Трифун Костовски, овој турнир ќе биде традиционален и секоја година ќе се одржува во пресрет на празникот 11 Октомври.

М.М.