Дунимаглоска во моментите кога се распаѓаше Југославија беше учесничка на ЗОИ во Албервил во 1992 година како независна спортистка. Во слаломската трка на патеката во Mерибел беше 34-та, а во велеслаломот беше дисквалификувана поради неправилен старт. Од две и пол години е на скии, а со 17 години разочарана го напушти спортот што ги исполнуваше нејзините детски и младешки години

Благодарение на убавите зимски центри, Македонија отсекогаш имала голем број момчиња и девојки што се занимавале со скијањето. Се чини дека во минатото овој зимски спорт беше поорганизиран, за разлика од сега, кога на него се гледа само како на рекреативен спорт. Тогаш и натпреварите беа многу интересни, а низ нив на површина избиваа најквалитетните, кои подоцна ја претставуваа Македонија на тогашните сојузни натпревари, а оние најквалитетните учествуваа и на меѓународните трки.
Една од тие талентирани скијачки, која, за жал, само со 17 години го напушти скијањето, беше и битолчанката Весна Дунимаглоска. Нејзиното име вечно ќе биде запишано во македонската, не само скијачка туку и спортска историја, како прва наша учесничка на Зимските олимписки игри. Тоа се случи во 1992 година, кога на 15-годишна возраст настапи на Олимпијадата во Албервил. На најквалитетниот светски спортски собир, таа во слаломската трка во конкуренција на повеќе од 70 натпреварувачки се пласира на 34-то место. Тоа за една млада девојка, на која поради возраста одвај ѝ беше дозволено да настапи на Олимпијадата, беше повеќе од успех. Дунимаглоска ја извозе и првата велеслаломска трка, но подоцна поради неправилен старт беше дисквалификувана и така остана без пласман во оваа aлпска дисциплина.

СО ПРООДУВАЊЕТО ПОЧНА И СКИЈАЊЕТО

Интересна е приказната за тоа како Весна уште од своето детство се најде на скиите. Нејзиниот татко Благоја, кој беше голем скијачки ентузијаст, сакајќи неговите ќерки Соња и Весна да живеат во еден пријатен амбиент и да се развиваат во спортски дух, уште малечки ги „качи“ на скии.

– Можеби не е за верување, но уште на две и пол години, кога практично и проодував, благодарение на мојот татко се најдов на скиите. Тоа за едно мало девојче беше невообичаено, но сето тоа го сфаќав како убава игра на снегот. Така, играјќи си на снегот и не помислував дека практично навлегувам во тајните на скијањето. Од ден на ден бев сѐ посигурна и за мене не претставуваше проблем да се спуштам по Марковото копито (така се вика една мала патека, паралелно поставена со онаа вистинската, која минува под жичницата на Пелистер – з.а.). Кога ќе се потсетам на тие години, мислам дека на скиите бев посигурна одошто кога чекорев со патики – вели Весна.

Со оглед на брзиот напредок, Весна на петгодишна возраст го имаше и својот прв старт на официјален натпревар.

– Тоа се случи во Крушево, кога во една трка за цицибани го освоив второто место. По овој резултат, веќе беше јасно дека во мене се крие голем потенцијал, па така веќе немаш бегање од скијањето – вели таа.

ПОБЕДАТА НА БЈЕЛАШНИЦА – ВИЗА ЗА АЛБЕРВИЛ

Подоцна доаѓаа многу трки, не само на македонските патеки туку и во цела Југославија. Дунимаглоска, бранејќи ги боите на Пелистер, настапуваше на сите позначајни сојузни натпревари. Таа влегуваше во дуел со најдобрите Југословенки од нејзина возраст и само се чекаше моментот кога конечно ќе зачекори на големата сцена.

– Тоа се случи во 1992 година, кога имав 15 години. Поранешната држава се распаѓаше, словенечките скијачи отидоа под знамето на својата земја, а ние од другите ЈУ-простори уште настапувавме за Југославија, зашто состојбите во поранешната држава уште не беа дефинирани. Така, за да се одберат најдобрите, на олимписката патека на Бјелашница, во близината на Сараево, во јануари се одржаа изборните трки за состав на југословенската репрезентација за настап на ЗОИ во Албервил. Јас, во отсуство на Словенките, бев доминантна и победив во слаломската трка, а во велеслаломот бев втора. Овие пласмани значеа и виза за Олимпијадата, што беше мој сон. Бев возбудена, но и уверена дека ќе дадам сѐ од себе, за да ја оправдам довербата. Бев пресреќна, зашто знаете што значи за едно 15-годинашно девојче на кое му се отвора олимписката врата. Тоа чувство не може да се опише – вели Дунимаглоска.

ОД АЛБЕРВИЛ ВО ВЕЧНОСТА

Весна Дунимаглоска замина на Олимпијадата во Албервил и веднаш почувствува оти секоја планина има своја убавина. Во Мерибел, во Савојските Алпи, сѐ беше поинаку од она со што се среќаваше Весна дотогаш. Од патеката, која беше подмрзната и подготвена на највисоко ниво за претстојните трки, па до вкупниот зимски амбиент.
– Иако немав контакт со надворешниот свет и едноставно не знаев што се случува надвор од селото, можев да го почувствувам „шмекот“ на олимпизмот. Сите спортисти живееја со своите желби, се подготвуваа за настапите, не обрнувајќи внимание што се пишува и зборува за нив во надворешниот свет. Така беше случајот и со мене, не мислев на ништо друго, туку бев концентрирана само на она што ме очекува – вели таа.

Дунимаглоска, иако млада, беше свесна за одговорноста пред која се најде. Таа знаеше дека со нејзините олимписки настапи во Албервил отвора една нова страница во македонскиот спорт и почнува да испишува една нова историја. Тоа како да ја оптоваруваше уште повеќе. Замислете, како можеше да се чувствува во тој „пекол“ едно 15-годишно девојче, кое одеднаш беше исправено пред толку одговорна задача.

– Не мислев на ништо друго, освен на трките. Правев различни комбинации, во главата ми се вртеа многу стратегии за тоа како да пријдам кон трките. Си велев, ако ризикувам, може да останам без пласман. Тоа ќе беше многу разочарувачко за мене. Од друга страна, ако се чувам и премногу тактизирам, може да имам големо заостанување зад водечките. Ми поминуваше сѐ и сешто низ главата, за на крајот да си речам – прво да го дочекам настапот, а потоа ќе видам како ќе се однесувам на патеката. Битно беше мојот настап да биде на нивото на претходните трки, особено како оние на Бјелашница – вели Дунимаглоска.

Младата битолчанка очигледно добро истактизира. Таа по неуспешниот старт во првата велеслаломска трка, во која по првото возење беше дисквалификувана, во слаломот беше повнимателна и успешно го помина првото возење.
– Пред почетокот во втората трка повторно низ главата ми се вртеа многу комбинации. Уште бев неискусна за вакви големи предизвици и кај мене постоеше страв, ако ризикувам да не останам без пласман. Затоа, одлучив да возам внимателно и со мал ризик. Ваквата тактика на крајот се исплатеше и се пласирав на 34-то место. Тоа за мене беше голем успех, бев презадоволна зашто пласманот беше изборен во конкуренција на повеќе од 70 скијачки од целиот свет. Тоа задоволство од мојот пласман не го криеја и новинарите, па и денес се сеќавам на оној наслов „Од Албервил во вечноста…“ – вели таа.

И навистина е така, овој пласман засекогаш ќе биде запишан во македонската олимписка и, воопшто, спортска историја. Весна беше првата македонска зимска олимпијка.

ОСТАНАА САМО СОЛЗИТЕ ЗА ЛИЛЕХАМЕР

За жал, кога требаше да настапи и на следната Олимпијада во Лилехамер во 1994 година, за која посебно се подготвуваше, се случија многу работи за кои и денес Дунимаглоска нема објаснување и вистински одговор – зошто не отпатува во Норвешка.

– По настапот во Албервил, бев многу охрабрена и верував дека вистинските квалитети ќе ги демонстрирам на следната Олимпијада по две години во Лилехамер (тогаш се разделија годините на одржување на летните и зимските олимпијади – н.з.). Тренирав напорно, како што се вели бел ден не видов, станував во шест часот наутро, ако имаше снег одев на Пелистер, ако немаше, тренирав во Битола, во сала, со тегови, трчање, само да се подготвам што подобро. За жал, желбата повторно да настапам на една Олимпијада не ми се исполни, па така останаа само солзите за Лилехамер. Што е уште поболно – бев спакувана и очекував до последен момент да ме известат од МОК да тргнам на пат. Но од оваа наша врвна институција не само што не ми се јави никој туку не најдоа за потребно да ме информираат дека Лилехамер отпаѓа – рече таа.

Овој момент беше пресвртница во кариерата на нашата олимпијка. Разочарана од односот на повисоките државни спортски структури, таа го напушти скијањето и почна да се пoдготвува за упис на Факултетот за ликовна уметност во Скопје. И таму беше успешна – навреме дипломира, а потоа и магистрира во 2005 година на Универзитетот во Белград, во областа на мултимедијалната уметност. Планината и природата и понатаму ја привлекуваат, па често од нив ги црпи мотивите за своите уметнички дела. Таа припаѓа на групата уметници што настојуваат моќта на уметноста да ја преточат во секојдневниот живот. Многумина од оние со кои соработува и не знаат дека Весна е таа што го почувствувала вистинскиот дух на олимпизмот и дека таа беше првата Македонка учесничка на една зимска олимпијада.


ЛИЧНА КАРТА
Родена: во 1976 година во Битола.
Кариера: СК Пелистер, репрезентација на Македонија и на поранешна Југославија.
Успеси: Учесничка на ЗОИ во Албервил, 34-то место во слалом, второ место на Балканското првенство во Бурса во 1986 година, трето место на националното првенство на Бугарија во 1990 година, а истата година беше гимнастичка првенка на Македонија во повеќебој.