Вкупниот награден фонд на Тур годинава изнесува 2,29 милиони евра, од кои победникот добива 500.000 евра, кои по традиција тој ги дели со колегите од тимот што несебично му помагале да ја освои „жолтата маичка“
Велосипедската трка Тур де Франс, чие 106-то издание е во тек (завршува на 28 јули), ја сметаат за едно од најнапорните спортски натпреварувања, вистински тест за издржливост, на кој не може да учествува кој било, туку само најподготвените. Но, кога станува збор за парите, возачите и тимовите не можат да се пофалат дека се најадекватно наградени за вложените екстремни напори.
За разлика од некои фудбалери, особено оние најдобрите, кои месечно заработуваат колку што изнесува едногодишниот буџет на некои тимови, велосипедистите, па и оние врвните, уште се релативно слабо наградени. Можеби е неумесно да се споредуваат заработките на фудбалерите, на голферите, па и на тенисерите, но постојат некои бројки што кажуваат доста. Победниците на Вимблдон, на пример, добиваат 2,62 милиони евра, а, за споредба, победникот на годинашниот Тур де Франс ќе заработи 500.000 евра за извозени 3.480 километри во исцрпувачките три недели. На ова треба да се додаде и тоа дека по традиција победникот тие пари ги дели со колегите од тимот што несебично му помагале да ја освои „жолтата маичка“.
Вкупниот награден фонд на Тур годинава е 2.291.700 евра, од кои победникот добива 500.000 евра, а преостанатите пари им се делат на најдобрите во различни категории, за етапни победи и друго. Победниците, односно освојувачите на „зелената“ и на „точкестата црвено-бела маичка“, оние со најмногу поени и најдобрите на ридските етапи, ќе добијат по 25.000 евра, а освојувачот на „белата маичка“, наменета за најдобриот млад велосипедист, 20.000 евра. Покрај тоа, лидерот во генералниот пласман добива по 500 евра за секој ден поминат во „жолтата маичка“, а лидерите во другите категории и „маички“ добиваат по 300 евра.
Во текот на секоја етапа, исто така, има награди за спринтерите во одредени фази (1.500, 1.000 и 500 евра). Најдобрите 14 возачи во секоја етапа, или на индивидуален хронометар, добиваат од 340 до 11.000 евра. Оние од 15-то до 20-то место добиваат по 300 евра. За најдобрите на ридските етапи наградата е 800 евра, ако станува збор за најтешката категорија, 650 за прва, 500 за втора категорија, по 300 за трета и 200 евра за четврта категорија. Сепак, најголемите бонуси во планините се наградите „Жак Годе“ и „Анри Десгранж“ за велосипедистите што први ќе пристигнат на врвовите Турмале (14. етапа) и на Д’Изеран (19. етапа), по 5.000 евра. Постои и дневна премија за најборбениот велосипедист, од 2.000 евра, како и награда за најборбениот на целата трка, вредна 20.000 евра.