Атлетичарот од Струмица во периодот од 1993 до 2004 година беше неприкосновен во Македонија во трките на средните патеки. На балканијадите освои девет медали, од кои три златни. Стојанов настапи на две светски првенства и на две олимпијади

Појавата на струмичанецот Ване Стојанов на атлетската патека, во првата половина на 90-тите години од минатиот век, беше најава дека Македонија добива еден квалитетен атлетичар, кој ќе може рамнопрaвно да се носи со светските асови. И навистина така беше. Стојанов, чија прва спортска љубов беше тенисот, прекуноќ се загреа за „кралицата“ и стана вистински квалитет во овој спорт. Тој уште на првата трка на 800 метри, во 1993 година на Градскиот стадион во Скопје, беше втор, за две недели подоцна да триумфира на истата патека на државното првенство во младинска конкуренција, со резултат од 2:03,00 минути.

– Уште по првата трка, во која настапив надвор од конкуренција им го привлеков вниманието на професорот Чедо Шаревски и на тренерот на Работнички Мето Веновски. Меѓутоа, интересно е како се случи тоа да трчам. Со струмичаните Божиков и Иванов бев дојден на еден тениски натпревар на терените на ТК Југ. Бидејќи стадионот е во непосредната близина, разбравме дека во него се одржува атлетски натпревар. Тогаш им реков: „Ајде да одиме, сакам и јас да ја испробам среќата“. Кога дојдовме, ги замоливме организаторите да ми дозволат да трчам. Тие немаа ништо против и настапив надвор од конкуренција во трката на 800 метри, во која стигнав втор. Тоа беше големо изненадување. Тогаш Шаревски ми рече дека сум талентиран и добро би било сериозно да ѝ се посветам на атлетиката. Тој дури ми даде и програма за тренинг за наредната трка, што требаше да се одржи по две недели, исто така, во Скопје – вели Стојанов.

ОД СВАДБАРСКИ ДО ШАМПИОНСКИ ТРКИ

Во Струмица со голема брзина се прошири веста за извонредната трка на Ване Стојанов во Скопје. Сите беа изненадени, зашто тој беше испратен со тениската екипа, а се врати со второ место во една младинска атлетската трка од републички карактер. Овој резултат беше причина веќе во наредните денови во Струмица да се формира атлетски клуб.

– Покрај мене дојдоа и други деца, мои врсници, а и помлади. Единствен проблем беше што во градот немаше атлетска патека, па, така, трениравме најчесто во природа. Јас, инаку, почнав да трчам на вакви терени, кога одев да се натпреварувам на свадбите во струмичките села. Секаде победував и добивав награди. Најчесто тие беа парични, а некогаш и во натура. Така се случуваше за победа на свадбарската трка да добијам јагне или овен – вели Стојанов.

Со двете официјални трки во Скопје, кои дојдоа некако неочекувано, практично почна кариерата на еден од најдобрите македонски атлетичари, која потоа постојано одеше во нагорна линија. Стојанов како младинец учествуваше на Светското првенство во Лисабон, за потоа со оглед на тоа што брзо напредуваше да се најде и меѓу учесниците на сениорското Светско првенство во Атина во 1997 година. Во меѓувреме настапи и на едно Европско младинско првенство.

– Оттогаш почнува моето пријателство, со подоцна еден од најдобрите тркачи на 800 метри Швајцарецот Андре Бухер, кој беше светски првак во Едмонтон во 2001 година. Благодарејќи му токму нему добивав покани за настап на трки во сала и на отворено во Швајцарија, а станав член на клубот ТВ Унтерштрасе од Цирих – рече тој.

НАМЕСТО СТРАВ ВИСОКО КРЕНАТО ЗНАМЕТО

Настапот на првото сениорско Светско првенство во Атина во 1997 година имаше и една увертира. Имено, на свеченото отворање, во дефилето на земјите-учеснички, нашето знаме го носеше Ване Стојанов. Кога спикерот го најави настапот на Македонија од сите страни како во хор се разлеаја свирежи.

– Гледачите помислија дека ќе се уплашам од свирежите. Но напротив, колку што можев повисоко го кренав нашето знаме и така ѝ пркосев на некоректната публика. Другиот ден целиот светски печат го осуди овој неспортски гест на домаќините – се сеќава Стојанов.

Ова е епизода на која Стојанов и сите ние што бевме присутни на стадионот, засекогаш ќе се сеќаваме. Инаку, што се однесува до натпреварот, нашиот репрезентативец по првата сеанса беше елиминиран. Сепак, Атина за него беше голема школа и искуство за настапите на следните вакви приредби.

НА ОЛИМПИЈАДАТА ВО СИДНЕЈ НА 27-ТО МЕСТО

Голем напредок кај најдобриот македонски атлетичар на средни патеки се почувствува, кога во 1998 година отиде на студии во Софија. Таму работеше според инструкциите на еден од најдобрите бугарски тренери Петар Бонов. Интересно е дека за време на својот престој во Бугарија, Стојанов не загуби ниту една трка на 800 метри. Насекаде каде што ќе учествуваше – победуваше.

– Под водството на Бонов ги постигнав најдобрите резултати, а и рекордот на Македонија на 800 метри, кој уште е актуелен и изнесува 1:47,14 минути. Со овој резултат победив на големиот меѓународен митинг Агора, што се одржува во Софија. Тоа се случи во 2000 година, непосредно пред Олимпијадата во Сиднеј. Инаку, морам да кажам дека последните две години пред олимпискиот старт јас бев „дете“ на МОК. Тој ги финансираше сите мои подготовки и настапи низ светот. Тогаш и јас се почувствував рамноправен со асовите од другите земји – вели Стојанов.
Стојанов отпатува еден месец пред почетокот на Олимпијадата и се подготвуваше во една база близу Сиднеј.

– Таму повторно бев во друштво со Швајцарецот Андре Бухер, со кого и четири години претходно бевме во Сиднеј и учествувавме на Светското младинско првенство. Подготовките се одвиваа нормално и што е интересно моите перформанси беа исти како оние на Бухер. Но, за жал, во квалификациите само за 16 стотинки не успеав да се пласирам во полуфиналето. Во конечниот пласман бев на 27-то место во конкуренција на 71 натпреварувач – рече тој.

Потоа Стојанов настапи на уште едно Светско првенство, во Едмонтон во 2001 година и на уште една Олимпијада, во Атина во 2004 година. На двете приредби не успеа да се пласира за втората сеанса, па, така, по трката во Атина стави точка на својата кариера.

ТРИКРАТЕН БАЛКАНСКИ ПРВАК

Подготвувајќи се за настапите на најголемите спортски приредби Ване Стојанов ги бранеше боите на Македонија, најчесто на балканијадите. Во овој квалитетен регионален натпревар тој имаше три златни медали за победите на 800 метри во Кавала (1998), Белград (2000) и во Будимпешта (2001). На балканијадите Стојанов освои уште два сребрени и четири бронзени медали. Од многуте трки, покрај онаа на 800 метри на митингот Агора во Софија, Ване Стојанов со посебно задоволство се сеќава на уште една трка, и тоа на 1.500 метри, на истиот митинг.

– Победив и поставив нов македонски рекорд – 3:45,50 минути. Така, го симнав од пиедесталот долгогодишниот рекордер Стевче Георгиевски – вели тој.

По завршувањето на кариерата Ване Стојанов се определи за тренерската работа. Во групата млади момчиња во 2006 година го откри и Ристе Пандев, кој подоцна стана и уште е рекордер на Македонија на 100 метри со време 10,61 секунди.

– Имавме планови Пандев да се преквалификува на 200 и 400 метри, но тој се пресели во Швајцарија, таму се вработи и ја запостави атлетиката – вели Стојанов.

Интересно е дека Стојанов, како тренер е ангажиран и во фудбалот. Своето знаење, особено што се однесува на физичката подготовка на фудбалерите, во моментов го пренесува во прволигашот Беласица, а му помага и на второлигашот Кит-Го од Пехчево.


Ване Стојанов
Роден: во 1977 година во Струмица
Кариера: АК Струмица, ТВ Унтерштрасе (Цирих), Национална спортска академија Софија, Мерсин (Турција), репрезентација на Македонија
Успеси: Повеќекратен првак и рекордер на Македонија, освоени девет медали на балканијадите од кои три златни, дваесет и седми на Олимпијадата во Сиднеј, учесник и на ЛОИ во Атина и на две светски првенства (Атина во 1997 и Едмонтон во 2001 година)