Хигиената се става во фокусот, ќе се користи интернет-програма за обука пред ЛОИ во Токио, а сето тоа следува по долгорочното истражување, кое утврди дека респираторните заболувања, вклучувајќи кашлица и настинка, се главната причина за изгубените денови за тренинг кај елитните спортисти
На британските спортисти ќе им се предава како правилно да ги мијат рацете пред Летните олимписки игри во Токио во 2020 година, бидејќи хигиената станува ново поле во трката по т.н. гранични спортски придобивки, пишува британскиот весник „Гардијан“.
Англискиот институт за спорт (АИС) треба да препорача спортистите да користат соодветна програма за обука преку Интернет, која ја користат професионалци во Националниот здравствен сервис, пред Олимписките и Параолимписките игри в година. Тоа следува по долгорочното истражување, кое утврди дека респираторните заболувања, вклучувајќи кашлица и настинка, се главна причина за изгубените денови за тренинг кај елитните спортисти.
– Работиме на ефективни техники за миење раце во подготовките за Игрите во Токио, што вклучува алатки како што се систем за обука и УВ-кутии. Ова е многу важно со оглед на тоа што респираторните и гастроинтестиналните заболувања се две од најголемите здравствени закани за спортистите да отсуствуваат од подготовките и од натпреварите – рече Крег Рансон, директор за здравјето на спортистите при АИС.
Финансиран од Велика Британија, АИС е со седиште во универзитетот Лофборо, но заедно со академици од целата земја е вклучен во истражување што вклучува сѐ, од биомеханика до пронаоѓање совршено свиткување на кајакарските весла.
Иницијативата за респираторно здравје на спортистите е со партнерство помеѓу ЕИС и Империјал колеџ во Лондон, формирано минатата година, како одговор на податоците што покажуваат дека дури 5.800 дена тренинг биле изгубени од респираторни заболувања во двегодишниот период до 20 јули 2017 година. Целта е да се третираат респираторните заболувања како која и да е друга спортска повреда, пишува „Гардијан“.
– Кога ќе ги погледнете сите спортисти што патуваат на Игрите и проблемите што навистина ги замаглуваат нивните шанси или им задаваат проблеми, речиси секогаш на врвот на списокот се проблеми со респираторниот тракт, со инфекциите на врвот на таа листа. Значи, ако размислите за стратегиите околу она што може да го наречете маргинални придобивки, јасно дека сакате да отстраните сѐ што може да предизвика проблеми за нив. Слично е како да размислувате за повреда, за која може да користите работи како специјални обувки за да ги намалите ударите. Сакаме да се подобриме во обидот да ги откриеме оние што се изложени на ризик од респираторни проблеми и потоа да се обидеме да го намалиме тој ризик. Поминавме многу време размислувајќи за тоа како да ја намалиме изложеноста. Звучи релативно лесно да се каже тоа, но во суштина повеќето луѓе не знаат како правилно да ги мијат рацете. Со оглед на фактот дека повеќето респираторни вируси се споделуваат преку контакт, тоа е од витално значење – вели д-р Џејмс Хул од болницата „Ројал Бромптон“ и еден од водечките истражувачи во иницијативата.