Зоран Михајлов
специјално од Доха за „Нова Македонија“
По постигнувањето на светскиот рекорд на 400 метри со пречки за жени од Американката Мухамед, возбудувањата на Калифа стадионот не престануваа.
Напротив, тие достигнаа точка на вриење, особено кога се разгора битката за медали во скок во височина во машка конкуренција.
Овде Катарците го имаа најголемиот адут Мутаз Еса Баршим, кој со скок од 237 сантиметри го освои првото место и златниот медал, што беше причина стадионот да пламне и да дојде до ерупција од воодушевување.
Инаку, досега Баршим имаше една светска титула освоена во Лондон, а во Пекинг беше втор. Овде второто место му припадна на Русинот Михаил Акименко со скок од 235 сантиметри, колку што постигна и неговиот сонародник Иља Иванук, но тој имаше послаба серија.
Најдраматично беше на 3.000 стипл за мажи. Овде бевме сведоци на мртва трка во која решаваше фото-финишот. Според него Консеслус Кипруто од Кенија имаше само 1 стотинка подобро време од 19-годишниот Етиопјанин Ламеха Гирма – 8:01,35 минути, трет беше Ел Бакали од Мароко – 8:03,76.
Нов светски првак на 400 метри е Стив Гарднер од Бахамите, кој со петти резултат на сите времиња- 43,48 секунди ги декласира противниците. Втор беше Антони Замбрано од Колумбија-44,15, а бронзата ја освои Фред Керли од САД со 44,17 секунди.
Во фрлање диск Хрватката Сандра Перковиќ, која има две титули светска и две олимписка победничка, а пет титули европска првенка, овојпат заврши на третата позиција со 66,72 метри.
Кубанките имаа двоен триумф, прва беше Јаиме Перез-69,17 метри, а втора Денија Кабаљеро со резултат од 68,44 метри.