Никогаш не сум размислувала да бидам позната, но, сепак, не се жалам. Моите цели беа да освојам што е можно повеќе гранслем-трофеи и да станам број еден во светот, вели победничката на САД опен, тинејџерката Андрееску, која од рана
возраст работи со својата мајка на психолошката подготвеноста и на менталната цврстина
Тинејџерката Бјанка Андрееску (19), Канаѓанката со романско потекло, ја освои првата тениска гранслем-титула во кариерата, и прва за Канада, победувајќи ја во Њујорк на САД опен големата фаворитка, Американката Серена Вилијамс (37), во два сета со 6-3 и 7-5. Вилијамс го загуби четвртото гранслем-финале во низа и ќе мора да чека нова шанса за израмнување со рекордерката, Австралијката Маргарет Корт, која има 24 гранслем-трофеи.
– Годинава ми се оствари сонот. Благодарна сум и навистина благословена. Работев навистина напорно за овој момент. Да се игра во ваков амбиент против Серена, вистинска легенда на овој спорт, е неверојатно – изјави Андрееску.
Таа пред 12 месеци беше повредена, загуби во првото коло во квалификациите за САД опен и беше рангирана надвор од најдобрите 200 во светот. Сега таа е првата тинејџерка победник на гранслем-турнир по Русинката Марија Шарапова во Њујорк во 2006 година.
Андрееску го прославила својот триумф на „Оринџ боул“ во 2015 година, еден од најпрестижните јуниорски турнири во светот, со тоа што си напишала реплика на чекот за победничката на САД опен, како мотивација, пишува британскиот дневен весник „Гардијан“. Во меѓувреме, особено годинава, за успешните настапи и за триумфите на турнирите во Индијан Велс и во Торонто, таа заработи над два милиони долари, плус наградата од Њујорк, чек од 3,85 милиони долари.
– Не прашувајте ме што ќе правам со парите затоа што немам поим. Никогаш не сум имала толку пари во животот. Никогаш не сум размислувала да бидам позната, но, сепак, не се жалам. Моите цели беа да освојам што е можно повеќе гранслем-трофеи и да станам број еден во светот. Но идејата за слава никогаш не ми беше битна. Тоа беше лудо возење годинава, но дефинитивно можам да се навикнам на ова чувство – ја пренесе Би-би-си изјавата на Андрееску, која од рана возраст работи со својата мајка Марија на психолошката подготвеноста и на менталната цврстина.