Шахистите на Алкалоид

На Европски клупски куп во Улцињ, македонскиот шампион по седум одиграни кола освои 10 бода, додека нов шампион првпат стана Обиетиво Рисарцименто од Италија

Шахистите на Алкалоид (2.701 просечен рејтинг, рангирани на првото место пред ЕКК), го освоија четвртото место на 35-от Европски клупски куп (ЕКК), кој во конкуренција на рекордни 66 клуба (119 ВМ, 3 ЖВМ, 87 ИМ, 2 ЖИМ, 80 ФМ, 3 ЖФМ), се одржа во Улцињ, Црна Гора. По седум кола, тие освоија 10 бода (пет победи и два пораза), односно 30,5 поени по табли (21 поединечна победа, 19 ремија и само два пораза), колку што имаше и победникот, италијанската екипа Обиетиво Рисарцименто, но клубот од Падова (кој првпат стана европски првак), имаше максимални 14 бода (седум победи). Со овој пласман Алкалоид во континуитет се задржа на врвот на европските клупски натпреварувања, во 2015 беше шести, во 2016 стана европски првак, во 2017 беше вицепрвак, а лани го освои шестото место.

По серијата од три високи победи во претходните кола, во меѓусебниот решавачки меч во последното коло, Алкалоид влезе со императив за победа против Обиетиво Рисарцименто, која, пак, ќе значеше и втора шампионска титула. Меѓутоа во раната фаза на партиите Владислав Ковалев на шестата табла дојде во послаба позиција и неговиот противник не ја испушти шансата да освои цел поен. На првите три табли шахистите на Падова одиграа цврсто и солидно, па сите обиди на Шахријар Мамеѓаров, Дмитри Андрејкин и на Сем Шанкланд да постигнат предност, останаа без успех, па партиите завршија со реми, како и дуелот на Јуриј Криворучко на петтата табла. На четвртата табла, во борбена игра, во еден момент Ернесто Инаркиев оствари мала предност, но таа се покажа недоволна за победа, иако долго се обидуваше да извлече повеќе од позицијата, што на крајот значеше и минимален пораз на Алкалоид со 2,5-3,5 од новиот европски првак.

На ЕКК одлична игра покажа лидерот на екипата, Мамеѓаров, кој со три победи и две ремија од пет партии, го освои златниот медал за најдобар шахист на првата табла (играјќи со силина од 2.926 рејтинг-поени), додека Ковалев освои сребро на шестата табла со 5,5 поени од седум партии. Второто место на ЕКК го освои АВЕ Нови Бор од Чешка со 12 бода (28,5 по табли), а третото, ланскиот првак Медниј Всадник од Русија со 11 бода (27).


Гамбит Асеко СЕЕ 11-ти

Шахистките на скопски Гамбит Асеко СЕЕ (2.222 рејтинг-поени) го освоија 11-то место на 24-то ЕКК во Улцињ, односно останаа таму каде што беа рангирани и пред почетокот, со шест бода (две победи, две ремија и три порази), односно 15 поени по табли (10 поединечни победи, 10 ремија и осум порази) меѓу 14 екипи (11 ВМ, 11, ЖВМ, 18 ИМ, 10 ЖИМ, 1 ФМ, 6 ЖФМ). Во последното седмо коло тие ремизираа со израелски Ришон Лезион (2.038, рангирани на 13-то место). Цел поен освои ФМ Белослава Крстева, загуби ЖИМ Викторија Бухтеева, а ремизираа ЖИМ Сандра Ѓукиж и ИМ Нурѓул Салимова. Кај македонскиот клуб најмногу поени освоија Салимова и Крастева (4,5), а успешен настап имаше и младата репрезентативка Ивана Манова (1.795), која освои 1,5 поен од три партии и заработи нови 28 рејтинг-поени.
По четврти пат шампион стана грузиска Нона со 11 поени (17,5), пред украински Киев со 10 (16,5) и Серкл д’чес од Монако со 10 бода (16 по табли). Г.И.