Шахистите на Алкалоид (2.701 просечен рејтинг, рангирани први пред ЕКК), со максимални 6-0 ја совладаа швајцарската екипа Цирих (2.420, рангиран 18-ти), во 5. коло на Европскиот клупски куп (ЕКК), во Црна Гора. Македонскиот првак во овој меч покажа досега најсигурна игра. На првата табла Шахријар Мамеѓаров повторно демонстрира висока класа и ја искористи пасивната игра на својот ривал за да освои цел поен. Дмитри Андрејкин на втората табла успеа да ја прекине серијата ремија, не ја испуштајќи остварената предност. Најбрзите победи во мечот ги постигнаа Сем Шанкланд и Јури Криворучко, Владислав Ковалев ја оствари четвртата победа на турнирот, а Ернесто Инаркиев последен ги оформи конечниот резултат и убедливата победа.

По пет кола, во водство е италијанската екипа Падова, со 10 бода, а ја следат руски Медни Всадник и Јоли Лиса од Чешка, со по еден бод помалку. Алкалоид моментно е на четвртото место, со осум бода. Во шестото коло, македонскиот првак ќе ги одмери силите со шампионот на Чешка Јоли Лиса, а на првата екипна маса ќе играат Падова и Медни Всадник. До крајот на ЕКК 2019 остануваат уште две кола и многу нешта околу врвот на табелата ќе зависат токму од овие дуели. 


Големо реми на Манова

Женскиот шаховски клуб Гамбит Асеко СЕЕ (2.222, рангирани 11-ти пред турнирот), во 5. коло го доживеа третиот пораз на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Улцињ. Минимално со 2,5-1,5, подобар од македонскиот претставник беше силната италијанска екипа Каиса Пентоле Анели (2.440, рангирана петта). Ремизираа ИМ Нурѓул Селимова, ФМ Белослава Крастева и Ивана Манова, а загуби ЖИМ Сандра Ѓукиќ. За одбележување е ремито на Манова (1.795 рејтинг-поени, рангирана 3.078 во светот), против ЖВМ од Русија, Елена Томилова (2.345, рангирана 122 во светот). Партијата заврши со реми во 36-от потег, откако Русинката со вечен шах успеа да освои половина поен. Меѓу 14 екипи, Гамбит Асеко СЕЕ моментно е на 12-то место со три бода, а во 6. претпоследно коло ќе игра со екипата Вомен чес од Црна Гора (2.043, рангирана 12-та). Г.И.