ДИМИТАР ИЛИЕВСКИ, ШАХОВСКИ ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН МАЈСТОР

Сите мои годинашни јубилеи многу ми значат, но убедливо најдраг ми е 40 години од исполнувањето на условите за стекнување на титулата интернационален мајстор, вели Илиевски

Годинава македонскиот интернационален шаховски мајстор (ИМ) Димитар Илиевски (78) одбележува еден грст јубилеи поврзани со шаховската табла и црно-белите фигури, неговите животни сопатници. Тоа се 60 години од освојувањето на втората титула младински првак на Македонија (1959) и исто толку години шаховско дружење со извонредниот шаховски талент, ФИДЕ-мајсторот (ФМ) д-р Љубомир Танчев (кој наедно беше и втор промотор на книгата за Илиевски објавена во 2018 година), потоа 50 години од освојувањето на првата титула првак на град Скопје (1969), 40 години од освојувањето на третиот бал за ИМ на турнирот во италијанскиот град Катанцаро (1979) и стекнување на оваа титула, како и пет години од добивањето на наградата за животно дело „13 Ноември“ (2014). Јубилеи со кои, секако, многу малку македонски шахисти можат да се пофалат.
– Сите споменати јубилеи многу ми значат, но убедливо најдраг ми е 40 години од исполнувањето на условите за стекнување на титулата интернационален мајстор – дециден е Илиевски.

Во 2017 година излезе од печат книгата „Димитар Илиевски – легенда на македонскиот шах“, чија трета промоција беше на 20 јуни 2018 година во Битола, а ја промовираше македонската поетеса Анита Бошкова, која токму нему и на неговиот постар брат, истакнатиот шахист Борче, кој успеал да ремизира со Роберт Фишер на Турнирот на солидарноста 1976, им посвети посебна песна, насловена „Животот е шаховска игра“.
Илиевски, како бестрашен „црно-бел“ матадор, зад себе има неизбришлива трага во македонскиот шах. Тој е првиот македонски шахист што ја исполни и надмина рејтинг-нормата за титулата велемајстор, а во 1972 година беше 120-ти на светската рејтинг-листа, со освоени 2.460 поени. Рекордер е по бројот на одиграни шаховски симултанки (повеќе од 250), а во 1981 година играше против 58 противници и забележа 49 победи, седум ремија и два пораза. Во светот на црно-белите полиња се вивна на турнирот „Средба на солидарноста“ во Скопје во 1971 година, каде што ја освои титулата мајстор и првиот бал за ИМ, со што изби на првото место на македонската рејтинг-листа. Илиевски е шахист што секогаш се впушта во беспоштедна борба со своите ривали, храбро влечејќи ги потезите, како во минатото, така и денес. Последен пат на големо значајно натпреварување настапи на ЕКК во 2015 година во Скопје, кога како највозрасен шахист на турнирот (74 год.) ја предводеше екипата на Центар.

– Во мојата богата шаховска кариера ги имам победено бившите прваци на поранешна Југославија, Драшко Велимировиќ, Албин Планинц, Душан Рајковиќ, Никола Караклаиќ, потоа Мато Дамјановиќ, Николај Минев, Јанез Барле, Витомир Араповиќ, Зикики, Вајсман и многу други, како и речиси сите македонски играчи од времето кога ги правев чекорите од „седум милји“. А сум успеал да ремизирам со трикратниот првак на тогашен СССР, Лав Полугаевски, потоа Властимир Хорт, Борислав Ивков, Флорин Георгиу, Бојан Кураица, Бруно Парма, Божидар Ивановиќ, Александар Матановиќ, Едуард Гуфељд, Енвер Букиќ, Бела Тот и други силни шаховски имиња – се потсетува Илиевски на тоа убаво минато време,

Некогашниот шаховски фајтер и денес е мошне активен во здружението за пензионери ОВР Скопје, а и сѐ уште игра симултанки. Очигледно шахот и денес, како и порано, тече во крвта на овој шаховски матадор на 64-те полиња.

– Освоеното петто место на Турнирот на солидарноста во 1971 година во Скопје, каде што ги освоив титулите шаховски мајстор, ФИДЕ-мајстор (ФМ), прв бал за титулата ИМ, а со освоените 180 нови рејтинг-поени се искачив од 6-то на 1-то место на македонската рејтинг-листа, ја надминав рејтинг-нормата за титулата велемајстор (ВМ) и избив на 120-то место на светската рејтинг-лига. Овој мој успех, всушност, претставува и круна на мојата богата шаховска кариера – нагласува шаховскиот ветеран Илиевски.

Илиевски и денес редовно може да се види во шаховските арени, каде што ги следи сите турнири, а и натаму е неуморен во играњето шаховски симултанки.
– Иако сум во поодминати години, редовно ги следам сите шаховски настани во Македонија и во странство. Љубовта кон прекрасната древна игра никогаш не престанува, односно ќе трае до крајот на мојот живот – категоричен Илиевски.


Животот е шаховска игра

Животот е шаховска игра,
за да ја играш треба да си мудар,
стратегија да имаш и предвреме,
да знаеш која фигура си
и на кое поле е најдобро да стапнеш.
Треба да си тактичар, но и добар математичар,
император да си на својот терен
и да сметаш дека секој твој чекор
противникот го демне,
за да може кралицата да ти ја земе.
Тој е некогаш коњ, пион
или пак ловец и може да те продаде
како најдобар трговец.
Животот е шаховска игра,
крајот на играта од тебе зависи,
од твојата мудрост да извлечеш реми
да бидеш во пат
или на противникот да му дадеш мат.

м-р Анета Бошкова
(Песна посветена на македонските шаховски легенди, браќата Борче и Димитар Илиевски, по повод нивната средба во Битола во 2018 година)

[email protected]