Зоран Михајлов
специјално од Доха за „Нова Македонија“
Во фрлање кладиво Полјакот Павел Фајдек ја потврди фаворитската улога. Тој во последниве години, поточно од СП во Москва во 2013 година, е вистински господар во својата дисциплина. Фајдек и овде ги декласира ривалите и ја освои 4-тата титула светски првак едноподруго. Неговиот победнички резултат беше 80,50 метри. Втор беше Французинот Квентин Биго, кој фрли 78,19 метри и само за еден сантиметар беше подобар од третопласираниот Бенце Халаш од Унгарија.Шестиот ден на СП во атлетика во Доха не обилуваше со многу финални дисциплини, но и оние три што беа на програмата им приредија задоволство на гледачите.
Американецот Грант Холовеј, кој е водечки на светската ранг-листа на 110 метри со пречки, во Доха ја потврди лидерската позиција и победи со 13,10 секунди. Искусниот
Русин Сергеј Шубенков, кој настапува како независен спортист, во финишот стигна до сребрениот медал со резултат од 13,15 секунди, а бронзата ја освои Паскал Мартино Лагард од Франција со 13,18 секунди.
Во трката на 200 метри за жени според очекувањата, во отсуство на првите три од годинашнава ранг-листа, победи Британката Дина Ашер-Смит. Таа постигна резултат од 21,98 секунди, што беше доволно за триумф и златен медал. Инаку, Ашер-Смит од првите метри изби на првата позиција и беше јасно дека ќе ја зачува предноста до крајот. Втора низ целта мина Бритни Браун од САД со 22,22, а трета е најпријатното изненадување Мијинга Камбунџи од Швајцарија со 22,51 секунди.