Излегоа нови детали околу скандалот со уапсените спортисти на светското првенство во нордиски дисциплини, што се одржува во австрискиот зимски центар Зефелд.
Дваесет и шест годишниот австриски натпреварувач во крос-кантри скијање, Макс Хауке бил уапсен во момент во кој зема допинг. Во моментот на одржување на акцијата, во неговото тело била внесувана свежа крв. Видеото од моментот беше дистрибуирано од интернет порталот „vol.at“.
Интересно е дека базата за спроведување на крвниот допинг била маскирана како фризерски салон лоциран само на 80 метри од хотелот на австрискиот тим. Забранетата процедура била извршена од таткото на германскиот лекар Марк Шмит, кој беше уапсен во Дуисбург, како дел од операцијата.
Како што е познато, петмина учесници на Светското првенство во Зефелд беа уапсени во средата. Приведени се двократниот освојувач на медал од светските првенства Алексеј Полторанин (Казахстан), Австријците Макс Хауке и Доминик Балдауф, како и Естонците Карел Тамјарв и Андреас Верпалу. Со лисици на рака, исто така, завршија две медицински лица. Едниот е таткото на Шмит, како и неговиот помошник.
Уапсениот доктор Марк Шмит, заедно со мајка си Хајдрун држел Клиника за спортска медицина, во која имал над 50 клиенти. Се претпоставува дека медицинскиот објект е засолниште за допинг центарот за дрогирање на спортисти.