Одбојкарите на Џио Струмица се ново-старите шампиони на Македонија, трета година едноподруго, a вкупно седми пат во клупската историја. За струмичани, кои претходно го освоија и Купот на Македонија, исто така третпат во низа, ова е шеста двојна круна.
Во разигрувањето за титулата, екипата на Џио Струмица беше супериорна во дуелите со кичевска Шутова, а сезонава доминираше, како во регуларниот дел од шампионатот (загуби само два меча) така и во плејофот.
Поуспешна екипа од Струмица е само Работнички со 15-те титули, Вардар има две, а Шутова и Шкендија по една шампионска круна. Покрај одбојкарите, големи заслуги за освојувањето на уште еден трофеј има и тренерот на Џио Струмица, Кире Ричлиев. Тој како играч во 1993-та, а потоа и на тренерската позиција, има удел во освојувањето на сите 13 титули!
– Мислам дека ја заслуживме и оваа титула, имаме најдобар тим и одигравме најквалитетно. Нашата клупска интенција веќе со години е продуцирање млади и квалитетни одбојкари, така ќе биде и натаму. Се надевам дека ќе нема поголеми промени во играчкиот состав за следната сезона, но и ако има одиме напред, навикнати сме. Постојат некои планови и размислувања да се пробаме во некој од европските купови, но најпрвин ќе треба да се направи некаква финансиска конструкција и да се види дали клубот ќе може да го издржи тоа – вели Ричлиев.