Во шаховските кулоари сѐ почесто се зборува за шаховските ремија и се предлагаат решенија како да се намали бројот на нерешени мечеви
Денес сѐ повеќе може да се видат здодевни шаховски партии дури и на најсилните турнири во светот, а во шаховските кулоари сѐ почесто се зборува за ремијата и се бараат решенија како да се намалат нерешените мечеви. Како идеи се споменуваат доделување различен број поени за победа и за реми од досега, играње дополнителни партии со брзо темпо, а има и поекстремни мислења, како на пример по реми и на двајцата шахисти да им се одземе по половина поен. За мислење прашавме неколку македонски шахисти.
– Не ми се допаѓа играњето една или повеќе дополнителна партии по класичното реми, затоа што тоа е напорно за шахистите и многу стресно. Згора, тука во голема предност би биле шахистите што се подобри со брзи темпа на игра. Сепак, може да помине варијантата за победа да се даваат три поени, за реми еден, па, така, сите би тежнееле да победат, бидејќи наградата е поголема – вели репрезентативецот, интернационалниот мајстор (ИМ) Филип Панчевски.
Првата табла на македонската репрезентација, ВМ Кирил Георгиев, вели дека наскоро нема да има измени.
– Ремито е дел од играта и е резултат на тоа што силните играчи работат со часови на компјутер и на таблата анализираат позиции до 20-30 потези однапред. Немам ништо против да играм партии со брзо темпо во случај партијата да заврши со реми, се разбира ако така реши ФИДЕ – вели Георгиев.
За ИМ Орце Данчевски, решение на овој проблем не е лесно да се најде.
– Шахот е специфичен спорт, каде што постојат цели докторски дисертации за тоа како да се ремизира во послаба позиција, така што понекогаш спасеното реми се смета и како да си победил. Јас сум за тоа да остане како што е сега, за победа еден поен, за реми половина, а ако веќе мора да се добие победник, тогаш сум за играње брзопотезни партии – рече Данчевски.
Капитенот на ШК Алкалоид, велемајсторот (ВМ) Драгољуб Јаќимовиќ вели дека ремито е легитимен резултат во шахот.
– Ако нѐ тераат по секоја цена партијата да биде 0-1 или 1-0, па дури и со содржајни ремија, тоа ќе бара и дополнителни напори, што значи треба да биде и повеќе платено. Можеби не е лошо да постои посебна награда за играч со најмногу победи. Но како тогаш би се рејтингувале партиите, една победа како освоени два или три поена и слично? Сето тоа би довело до девалвирање на рејтингот, а особено на шаховските титули – рече Јаќимовиќ.
Селекторот на македонската машка репрезентација, ВМ Роландо Кутиров, не е за коренити промени по ова прашање.
– Не сум за дополнителни партии и ново бодување. Решението го гледам само во намалување на времето за размислување во партиите со класично темпо. Според мене, најдолго темпо би било на пример двапати по 30 минути, плус 10 минути до крајот на партијата, а и квалитетот на играта сѐ уште би бил на високо ниво – вели Кутиров.
Бодување слично како во одбојката
Едно правило што е воведено за да нема т.н. салонски ремија (нерешено по десетина потези – н.з.) е тоа да не се склучи примирје пред 40-от потег. Но ова прашање сметам дека може да се реши по примерот во одбојката, каде што ако победиш со 3-0 или со 3-1 добиваш три бода, а поразениот нула, ако победиш со 3-2, тогаш добиваш два, а поразениот еден. Така би можела да се бодува и опцијата со т.н. партија „армагедон“ (една партија во која играчот со бели фигури има пет минути, тој со црни четири минути, а со реми победува „црниот“ – н.з.). Победникот во меч би добил три поени, за реми би се доделувал еден, но победникот во дополнителните партии по тоа реми би добил уште еден. Тие дополнителни партии би се играле во ист или во друг ден, што секако и не е лесно и токму затоа треба добро да се размисли, смета ФИДЕ-мајсторот Зоран Стојчевски, член на Гамбит Асеко СЕЕ.