Резултатот по првото полувреме (се играат 12 партии), е нерешен 3-3, а и според прикажаната игра тој е реален. Најдолга беше првата партија (115 потези), која траеше седум часа и во која Карлсен беше блиску до цел поен
Во Лондон ништо ново. Шест партии, шест возбудливи ремија, без победник, но и без преголем ризик, што е и нормално за вакви шаховски мечеви. Резултатот по првото полувреме (се играат 12 партии), е нерешен 3-3, а и според прикажаната игра тој е реален. Одиграни се вкупно 360 потези (во просек 60 по партија), а најдолга беше првата (115), која траеше седум часа и во која светскиот првак Магнус Карлсен беше блиску до цел поен.
Победникот во мечот за светски првак помеѓу Норвежанецот Карлсен (2.835 рејтинг-поени, рангиран прв во светот) и Американецот Фабијано Каруана (2.832, рангиран втор), сѐ уште не е на повидок. Победничките планови и понатаму се затворени во фиоките на двајцата врвни велемајстори. Кој ќе го добие вториот дел, брилијантна спортска психа измешана со огромно количество енергија на Магнус или, пак, неверојатната спокојност, теоретската аналитичност и упорноста во играта на Фабијано?
Засега двајцата велемајстори изгледаат свежи и мирни за време и по секоја одиграна партија. Норвешкото чудо од дете секоја прес-конференција по партијата ја користи за да ги ослободи своите напнати емоции и да се пошегува со новинарите и присутните во салата, но и да докаже дека сѐ е во ред и според предвидениот план. Каруана, пак, и по природа помалку се смее. Но, сепак, Карлсен наскоро ќе мора да се фокусира на наоѓање пат за одбегнување на реми-позициите, ако сака уште да владее со светскиот шах или да заплива во тајбрејк-партиите со побрзо темпо на размислување.
Мечот за светски првак и понатаму останува динамичен, а тензијата како што ќе се приближува крајот, постојано ќе се зголемува. Карлсен, сепак, би требало да е во мала предност поради искуството во вакви ситуации, бидејќи ги ремизира првите седум партии и од својот њујоршки меч за светски првак против Русинот Сергеј Карјакин во 2016 година.
Критичната фаза следува. Спектаклот на два големи шаховски ума продолжува во Лондон. Но, сега сето тоа ќе биде без право на поголеми грешки. Вчера се играше седмата партија, во која Карлсен пак беше во предност, ги имаше двапати белите фигури во низа (шеста и седма партија), оти правилата наложуваат по шестиот дуел, тој што почнал со бели фигури, сега да ги има црните фигури.