Успесите на душекот му го донесоа и големото признание – спортист на векот на Струмица. Покрај победите на поединечните првенства во поранешна Југославија, како тренер со БК Извор стана и екипен шампион на државата. Годинава беше и селектор на репрезентацијата на ветераните

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (110)

Со името на Сократ Ефтимовски се врзани најголемите успеси на струмичкото борење. Тој практично продолжи по патот што неколку години порано го трасираа првите борачи во слободен стил од струмичкиот крај – Рамиз Тефиков и Неби Јусуфов. Како активен борач, Ефтимовски зад себе остави убава кариера, а потоа и како тренер забележа врвни резултати со БК Извор, со кој ја освои и екипната титула првак на Југославија.
– Мојата кариера почна случајно. Како ученик гледав боречки натпревари, но во ниту еден момент не помислував дека еден ден и јас ќе стапнам на душекот. Во периодот од 1963 до 1965 година во Струмица се појавија двајца боречки асови за кои зборуваше сета македонска спортска јавност – Тефиков и Јусуфов. Тие учествуваа и на најголемите светски приредби, а Тефиков беше четврти и на Европското првенство. Токму тоа влијаеше врз мене да почнам и јас да се борам – вели Ефтимовски.
Кога дојде во Скопје и се запиша во Средното училиште за физичка култура, Ефтимовски имаше можност да одбира со кој спорт ќе се занимава. Тој се определи за борењето и се чини не згреши.

– Уште од порано бев загреан за борењето и решив тоа да ми биде основниот спорт со кој ќе се занимавам. Ја имав и таа среќа што директор во училиштето беше еден од најпознатите тренери за борење, во тој период, Михо Илиевски. Откако на часовите по физичко тој виде дека имам афинитети кон борењето, веднаш ми препорача да почнам да тренирам. Оттогаш, практично, почна мојот живот како активен борач – вели Ефтимовски.

ТРЕТ НА БАЛКАНИЈАДАТА ВО ИСТАНБУЛ

Сократ Ефтимовски почна сериозно да се занимава со спортот, кој во тоа време беше хит најмногу поради добрите резултати што ги постигнуваа македонските борачи, бранејќи ги боите на Југославија. Тоа беше време, а тој тренд продолжи и понатаму, кога целиот состав на југословенската репрезентација во слободен стил беше од нашата република.

– Откако Михо Илиевски ме „прибра“ во борењето, од почит кон него како човек и директор, морав да бидам редовен и да не испуштам ниту еден тренинг. Откако основните елементи во овој спорт ги научив од Илиевски, потоа поминав во рацете на другите професионални тренери, кои станаа вистински легенди. Така, тренер ми беше Ристо Таков, кој се смета за основоположник на борењето во Македонија, а потоа кога се зачленив во БК Вардар ме тренираше и Бојан Рангелов – вели тој.

Првите официјални борби навестија дека Ефтимовски има потенцијал и квалитети да се развие во добар борач. Во дуелите со ривалите, особено оние во потешките категории, на кои и тој им припаѓаше, имаше поголема мака да стигне до победите. Но ако симнуваше килограми за подолните категории, тука беше полесно.

– Иако малку ќе се измачев поради принудното слабеење, на крајот од настапите ќе бев задоволен, зашто резултатите со полесните противници беа импресивни. Ретко се случуваше да загубам некоја борба. Така, благодарејќи на победите, стигнав и до младинската репрезентација на поранешна Југославија, а во 1968 година го освоив бронзениот медал на Балканијадата во Истанбул – се сеќава на тоа време Ефтимовски.

НЕЗАБОРАВНИ ДУЕЛИ СО ВУЧКОВ

Откако го заврши средното училиште и се чинеше дека максимално ќе им се посвети на тренинзите за да постигне подобри резултати, доаѓа до пресврт.
– По инсистирање од познатиот спортски работник Томе Пачолов, кој беше алфа и омега за спортот во градот под Беласица, се вратив во Струмица. Тогаш немаше доволно стручни кадри, особено за боречкиот спорт, па така јас, кој веќе го имав завршено Средното фискултурно училиште, а се занимавав и со борењето, по сѐ изгледа му бев најсоодветната личност за тренер на БК Извор. Тоа и се случи, станав тренер и настојував максимално да им го пренесам моето знаење на младите борачи.

Во тој период почна да се создава една солидна екипа, која од Втората, за неполна година стигна до Првата лига. Истовремено работев и како наставник по физичко во Земјоделското училиште, а потоа се запишав и на Факултетот за физичка култура. Стигнував насекаде и ми беше мило што за борењето повторно се зборуваше како во оние убави денови, кога Тефиков и Јусуфов беа вистинските ведети во овој спорт – вели тој.

Ефтимовски паралелно со тренинзите и самиот тренираше и настапуваше за клубот и за репрезентацијата. Така, учествуваше на по едно светско и европско првенство, во Варна и во Будимпешта. Како тренер, пак, и самиот не памети на колку турнири и првенства ги водел нашите борачи.

– Од борбите во мојата кариера би одделил две со „тешкашот“ на Бучим Јака Дане Вучков. Дуелите со него претставуваа вистинско шоу и гледачите со нетрпение ги очекуваа. Јас бев полесен од него и пред мерењето пиев многу вода за да ја достигнам неопходната тежина. Тоа ми создаваше извесни проблеми, но кога ќе почнеше борбата со Вучков, заборавав на сѐ и мислев само на тоа како да дојдам до победата. Во првата борба против Вучков тој постојано ме удираше. Во еден момент и јас се разлутив и го удрив толку силно, што тој се најде на подот. Судијата не знаеше што да прави и борбата заврши без победник. Вториот меч беше интересен по нешто друго. Откако судијата го означи почетокот на дуелот, постојано му велев – ти не си за борач, слаб си, нема шанса да ме победиш. Тоа го правев за да го деконцентрирам и да го разлутам, па во еден момент онака лут, кога отворено тргна кон мене, изведов едно „чипе“ (познат боречки зафат – н.з.) и го туширав. Тоа беше шок за него – се сеќава Ефтимовски.

Инаку, Ефтимовски како ретко кој наш борач настапуваше во четири категории и во сите стана првак на поранешна Југославија. Тој беше активен до својата 43-та година, кога конечно престана да се бори.

СО ИЗВОР ШАМПИОН НА ЈУГОСЛАВИЈА

Најголемиот успех како тренер, Сократ Ефтимовски го постигна со освојувањето на екипната титула првак на Југославија. Тоа се случи по победата над Бучим Јака, три години пред распадот на поранешната држава.

– Со ова финале има една интересна случка. Имено, по завршувањето на мечот, во кој противникот имаше шест, а ние четири победи, тренерот на радовишани Димче Ангелов почна да ја прославува победата. Во тие моменти на радост на познатиот тренер и на симпатизерите на Бучим Јака, гласот на спикерот како да ги „пресече“, кога соопшти дека Извор е новиот шампион. Ангелов ги броеше победите, а заборави дека вкупниот број поени решава за конечниот исход. Тука ние бевме подобри, зашто имавме повеќе победи со туш. Така станавме шампиони. Титулата еуфорично беше прославена од струмичани. На радоста ѝ немаше крај, зашто ова беше и остана единствен триумф на една струмичка екипа во поранешна Југославија. Иако времето беше студено и снежно, стотици сограѓани дојдоа да нѐ пречекаат уште на влезот во градот. Оттука, па до центарот бевме носени на раце. Тоа беше нешто што ретко се доживува. Да биде уште повесело, тука беа и струмичките трубачи, кои ја дополнуваа целокупната атмосфера и носеа топлина во студениот зимски ден – вели Ефтимовски.
За титулата се радуваше целиот град, а оние повозрасните љубители на борењето во Струмица и денеска, како тоа да беше вчера, се сеќаваат на тие прекрасни спортски мигови.

– Потоа продолжив да работам како тренер, но условите беа многу тешки. Немавме сала, немавме ниту средства, па така одвај крпевме крај со крај. Повеќе и јас немав сили, па така полека го напуштав спортот во кој доживеав многу прекрасни мигови и во кој бев повеќекратен шампион на поранешна Југославија дури во четири тежински категории. Мислам дека и ова е своевиден куриозитет – вели Ефтимовски.

Последен ангажман Ефтимовски имаше годинава, кога беше назначен за селектор на репрезентацијата на ветерани, која учествуваше на Светското првенство во Скопје. Под негово водство беа освоени два сребрени и три бронзени медали. Неговите постигнувања знаеше да ги цени и Меѓународниот олимписки комитет, кој му додели посебно признание за трудот што го вложи во еден од најстарите олимписки спортови – борењето.


Сократ Ефтимовски

Роден: во 1949 година во селото Зубово, Струмичко
Кариера: БК Вардар, БК Извор, репрезентација на Југославија
Успеси: Повеќекратен првак на Југославија во борење слободен стил во четири тежински категории
Тренерска кариера: БК Извор, репрезентација на Македонија и репрезентација на поранешна Југославија
Успеси: Со БК Извор екипен првак на поранешна Југославија


Туширан без да знае!

На традиционалниот турнир „Македонски бисер“ Сократ Ефтимовски трипати се качуваше на пиедесталот. Тоа беше оној поубавиот дел од настапите на оваа приредба, а оној потажниот изгледа вака:
– Загревајќи се за една борба, тренерите ми кажаа дека противник ќе ми биде некој непознат Полјак. Борбата тукушто почна, гледам судијата му ја крева раката на противникот. Тогаш сфатив дека, без да почувствувам, Полјакот брзопотезно ме туширал. Тоа беше нешто неверојатно. По мечот дознав дека противникот не само што не бил непознат, туку тој бил европскиот првак Турчевски – вели Сократ.