Актуелниот светски првак по 13 кола освои девет поени, забележувајќи пет победи и осум ремија на еден од најстарите турнири во светот (се игра од 1938 година), во холандскиот Вајк ан Зе
Актуелниот светски првак во шах, Магнус Карлсен (рејтинг 2.835), седми рекорден пат триумфира на еден од најстарите турнири во светот, кој 81-ви пат се одржа во холандскиот град Вајк ан Зе. Тој победи и во 2008, 2010, 2013, 2015, 2016 и во 2018 година.
– Се чувствувам добро, но и се надевам дека во иднина повторно ќе можам да го поправам мојот сегашен рекорд – рече Карлсен.
По 13 кола Норвежанецот освои девет поени (пет победи и осум ремија), втор е Холанѓанецот Аниш Гири (2.783), со 8,5, а трет заврши Русинот Јан Непомнијашчи (2.763) со 7,5 поени, колку што имаа и Кинезот Лирен Динг (2.813) и Индиецот Вишванатан Ананд (2.773), но со послаби дополнителни критериуми. Карлсен (кој со новите 9,5 рејтинг-поени ја зголеми предноста пред второпласираниот, Италијанецот Фабијано Каруана на 16 поени) и Динг беа единствените што не загубија ниту еден меч. Ананд, пак, кој пет пати славел на овој турнир, засега е рекордер според бројот на незагубени партии во низа (70) во Вајк ан Зе (од 1998 до 2004 година).
Разочараа Русинот Владимир Крамник (2.777), кој со 4,5 поени е последен 14-ти (загуби 24 рејтинг-поени) и по ноември 2014 година првпат не е меѓу првите 10 во светот, како и Азербејџанецот Шакријар Мамеѓаров (2.817), кој заврши како 12-ти (минус 27 рејтинг-поени) и падна на петтото место на светската рејтинг-листа.
Во досегашната историја на овој турнир (почна во 1938 година), кој патем го нарекуваат Вимблдон во шахот, од осумте светски шампиони од 1946 година досега недостигаат како победници само Русинот Василиј Смислов и Американецот Роберт Фишер.
Табела од турнирот за 2019 година во Вајк ан Зе: Карлсен 9, Гири 8,5, Непомнијашчи 7,5, Динг 7,5, Ананад 7,5, Видит 7, Раџабов 6,5, Шакланд 6,5, Рапорт 6,5, Дуда 5,5, Федосеев 5, Мамеѓаров 5, Форест 4,5, Крамник 4,5.