Поп Арсова во Ајндховен го собори македонскиот рекорд во маратон со време од три часа и 37 секунди
Адријана Поп Арсова постави нов рекорд на Македонија во маратон, со време три часа и 37 секунди, истрчани во Ајндховен, Холандија минатиот викенд. Тоа рекордно постигнување е подобро за повеќе од четири минути од нејзиниот поранешен државен рекорд (3:05,04 часа) поставен на Скопскиот маратон на 6 мај годинава, што е најдобра најава дека во скоро време од неа може да се очекува и трка под три часа.
– Очекував многу подобро време, но пребрзата прва половина од делницата, со време 1:27 час си го зеде данокот на крајот. Патеката беше одлична, рамна, имаше добра забава на неа, а организацијата беше на врвно ниво. Температурата беше многу повисока од очекуваното за овој дел од годината, беше топло, околу 25 степени. Искуство за друг пат, распоредот на силите и на брзината ќе оди на поправен испит, или во превод „повеќе среќа идниот пат“ – ги сумира Поп Арсова впечатоците од рекордната трка.
Поп Арсова (28), членка на атлетскиот клуб (АК) Делта од Скопје, е актуелна државна рекордерка во полумаратон, 1:24,34 часа, време постигнато лани во октомври во Подгорица, Црна Гора, како и на 10.000 метри на сертифицирана улична трка, во Скопје, 38,28 минути.
– Не сум ја испланирала наредната трка, прво сакам добро да се одморам, потоа ќе размислам. Пробивањето на временската бариера од три часа е реалност, станува збор за секунди, ќе биде и тоа – вели Поп Арсова.