Земјите од Балканот имаат огромна традиција во пинг-понг, а моите очекувања се да ја посетам вашата земја и идната година, кога водени од позитивните реакции на ИТТФ за успешните реализации на манифестациите годинава, ќе можете да се изборите за нови натпреварувања од уште повисок ранг, изјави претседателот на Светската пингпонг-федерација (ИТТФ), Томас Вајкарт, кој е гостин на турнирот во Скопје и кој патем изрази огромна благодарност за гостопримливоста и организацијата на домаќините, чија држава ја посетува првпат.
Повеќе од 100 млади пингпонгари од 18 држави, во следните два дена ќе бидат дел од натпреварите на меѓународниот челинџ-турнир во пинг-понг во јуниорска и кадетска конкуренција, кој во организација на Пингпонг-федерацијата на Македонија, а под покровителство, пак, на Светската пингпонг-федерација, се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Во јуни годинава Скопје беше домаќин на Балканско првенство (БП), на кое учествуваа пингпонгари од 12 држави.
– Доаѓањето на високи официјални лица од Светската и Европската пингпонг-федерација треба да обезбеди дополнителен мотив за развој на овој спорт во Македонија – изјави претседателот на Пингпонг-федерацијата на Македонија (ППФМ) Горан Тиловски.
На челинџ-турнирот во Скопје, боите на Македонија ги бранат 21 пингпонгар.