Жителите на канадскиот град Калгари гласаа против кандидатурата за домаќин на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2026 година. По ова, како потенцијални градови-домаќини останаа само Стокхолм (Шведска) и заедничката италијанска кандидатура на Кортина д`Ампецо и Милано. Но, според новинската агенција „Асошиејтед прес“, ни новите градски власти на Стокхолм „не сакаат да трошат пари на даночните обврзници“ за ЗОИ.
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) ќе почне со примање апликациите за организација на ЗОИ 2026 во јануари в година, а одлуката треба да биде донесена на 24 јуни 2019 година. Но што ќе се случува со ЗОИ 2026, кои како никој да не ги сака? Кога почна процесот за наддавање имаше осум „надежни“ градови-кандидати. Сега останаа само две понуди. Но и тие се соочуваат со значителни внатрешни политички пречки.
– Мислам дека ИОК се надева оти ќе се повлечат и Стокхолм и Италија, за потоа да почнат да работат на „случајот“ со Солт Лејк Сити. Американците сами велат дека уште утре можат да организираат Игри, а имаат и 89 отсто јавна поддршка. Тие веќе направија студија за оправданост и би можеле да бидат домаќини на Игрите веќе следната година – вели Роберт Ливингстон, кој работи на интернет-страницата ГемсБидс.ком (GamesBids.com).
Организацијата на олимписки игри до неодамна се сметаше за награда, која ја посакуваа повеќето гламурозни градови во светот, но сега е сосема спротивно. Повеќето сега ги сметаат Игрите за прескап двонеделен спортски фестивал, со мала или никаква долгорочна корист за градот-домаќин, иако ИОК прави големи напори за намалување на трошоците. Но искуствата од минатите олимписки неуспеси покажуваат дека градовите трошеле милијарди долари, многу повеќе од првичните најави. Кога сме кај трошоците, пречекорувањата постојано се повторуваат. Една неодамнешна студија од Оксфорд покажала дека секои Игри од 1968 година драстично го надминувале планираниот буџет, честопати и двојно повеќе од очекуваното.
Преку својата „Агенда 2020“, ИОК презеде чекори организацијата на Игрите да ја направи полесна и поевтина. Наместо како во минатото, кога се инсистираше на изградба на нови објекти, често без да се размислува за нивната долгорочна практична употреба, сега се прават максимални напори за намалување на трошоците на сите нивоа.
Ротирање на домаќините на ЛОИ и на ЗОИ?
Како една од идеите за спас на олимписките игри се спомнува ротирањето на градовите-домаќини, која на многумина не им изгледа толку чудна. Летните олимписки игри (ЛОИ) би се одржувале во три или четири града, како на пример во Сиднеј, Лондон и Пекинг, а зимските олимписки игри (ЗОИ) во Солт Лејк Сити, Сочи и во Ванкувер. Со оглед на сегашните трендови, нема гаранција дека некој град ќе сака да биде домаќин на ЛОИ или ЗОИ по 2030 година. Еден од олимписките скептици признава дека олимписките игри се многу магични и моќни, „но таа магија и моќ би биле исто толку силни кога би имало по една локација (град) за ЛОИ или за ЗОИ“.