Герен Томас и Крис Фрум

Велосипедскиот тим Скај, кој е основан во 2010 година, ќе го преземе Џим Ратклиф, главен извршен директор на петрохемискиот гигант „Инеос“, најголемата приватна компанија во Англија

Петрохемискиот гигант „Инеос“, чиј сопственик е најбогатиот човек во Велика Британија, Џим Ратклиф, ќе биде новиот спонзор на велосипедскиот тим Скај, кој доминира на Тур де Франс последниве години, објавија британски медиуми. Ратклиф е главен извршен директор на најголемата приватна компанија во Англија, која лани објави заработка од две милијарди фунти. Скај во декември минатата година објави дека ќе ја прекине соработката со британскиот тим и инволвираноста во професионалниот велосипедизам по 2019 година.

Тимот Скај, основан во 2010 година, имаше амбициозна цел да ја забележи првата победа за еден британски велосипедист на Тур де Франс во рок од пет години. Но од 2012-та па до 2018-та, Скај ги надмина сите очекувања и триумфира на осум грантур-трки (Џиро, Тур и Вуелта). Крис Фрум победи четири пати, а Бредли Вигинс и Герен Томас по еднаш на Тур де Франс. Фрум победи по еднаш на Џиро д‘Италија и на шпанската Вуелта.

Поранешниот велосипедист на Скај, Бредли Вигинс, кој победи на Тур де Франс во 2012-та, рече дека партнерството помеѓу Ратклиф и директорот на Скај тимот, Дејв Брејлсфорд, би можело да биде идеално.

– Тој е најбогатиот човек во Британија и можете да замислете дека парите што ви требаат и ги барате, а тоа се околу 40 милиони фунти годишно, не се ништо за него. Дејв ќе може да продолжи да го води тимот според своите планови и филозофии, па, оттаму, тоа ми се чини идеална ситуација – изјави Вигинс.

Сер Џим Ратклиф, човекот кого до неодамна го етикетираа како „таинствен и изолиран“, предизвика многу внимание во минатите 12 месеци. Дотогаш милијардерот бил речиси непознат надвор од индустриските кругови, но за неколку месеци, минатата пролет и лето, името на Ратклиф беше насекаде. Лани во април тој инвестира 110 милиони фунти (128,5 милиони евра) во Купот на Америка (натпревар во едрење со јахти) во проектот на Бен Ајсли, во мај беше прогласен за најбогат човек во Велика Британија, а во јуни ја доби титулата сер, за успесите во бизнисот. Потоа, во текот на летото повторно беше на насловните страници на спортските медиуми со понудата од две милијарди фунти за купување на фудбалскиот клуб Челси. 


Навива за Манчестер јунајтед, сака да го купи Челси

Џим Ратклиф, кој е пораснат во околината на Манчестер, во 1952 година, навива за Манчестер јунајтед, но има сезонски билет за натпреварите на Челси. Според некои информации од Англија, Ратклиф е заинтересиран и за купување на Челси. Ратклиф е и пасиониран велосипедист, аматер, што се потврди со купувањето на Скај. Тој е и еден вид авантурист. Во 2012 година, 60-от роденден го прославил трчајќи ултрамаратон во Јужна Африка, во должина од 90 км, учел да сурфа и возел мотоцикл преку Африка.

Џим Ратклиф