Македонската машка шаховска репрезентација, вчера почна со пораз (0-4) на Европското екипно првенство (ЕП) за слепи и слабовидни шахисти, што во девет кола се игра во романското место Камчулатa, близу Влчеа.
Подобра од Македонија (просечен рејтинг 1.972 поени, рангирана 9-та), беше силниот состав на Русија (2.282, рангирана 2-ра). Санде Атанасов (1.950) со црни фигури загуби од ФМ Станислав Бабурин (2.307), ФМ Владимир Тркаљанов (2.129) од ИМ Јури Мешков (2.336), Зоран Костадиновски (1.863) од ФМ Евгениј Суслов (2.236) и на четвртата табла Зејно Бајрами (1.860) од ФМ Руслан Драганов (2.152).
Денеска во 2-то коло, Македонија игра со Хрватска (1.853, рангирана 12-та), а селекторот, ВМ Трајко Недев, направи една измена. На местото на Бајрами игра Жарко Селковски (1.941).
На ЕП играат 15 репрезентации (Полска и Романија со по две селекции), а прв фаворит е втората репрезентација на Полска (2.284), пред Русија (2.282) и Украина (2.250). Поединечно прворангиран е ВМ од Полска (2) Марчин Табзир (2.529), додека од Македонците Тркаљанов е на рангиран 19-ти од 70 пријавени шахисти.
Г.И.