Во првиот меч на ЕП 2019 Македонија загуби од Финска со 1-3, синоќа се сретна со Турција, а денеска игра со Русија, европски првак од 2017 година, победник на Лигата на нациите во 2018-та и годинава…

Македонија загуби од Финска на премиерниот натпревар на Европското првенство (ЕП) во одбојка во Љубљана, Словенија, во групата Ц со 1-3 (23-25, 22-25, 25-23, 21-25), но не разочара. Напротив, македонските одбојкари одиграа храбро, без респект, дадоа максимум и малку недостигаше да ја забележат и првата победа. Македонија беше блиску до освојување на сите сетови, но на крајот пресуди искуството на финските одбојкари.
Македонија вчера (17.30 часот) играше против Турција, која во првиот меч беше поразена од фаворитот Русија со 1-3 (13-25, 25-23, 17-25, 15-25). Денеска попладне од 17.30 часот Македонија за противник ја има Русија, бранителот на титулата од минатото ЕП во 2017 година, која е најтрофејната репрезентација со 14 титули и вкупно 22 медали.

Русија, која е фаворит во групата Ц, победи на 16 од претходните 17 натпревари на европските првенства, вклучувајќи ги и финалињата во 2013 и во 2017 година, објави Европската одбојкарска конфедерација на својата интернет-страница, во пресрет на ЕП 2019. Единствениот пораз на Русија во оваа серија беше од Италија со 0-3 во четврт-финалето на ЕП 2015. Актуелниот европски првак е некогашен олимписки шампион, од Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2012 година во Лондон. Русија во Љубљана првпат игра со Белорусија и со Македонија на европските првенства, а во дуелите со другите селекции од групата нема пораз на континенталните првенства. Русија ја освои одбојкарската Лига на нациите во 2018 и годинава, а се пласира и на ЛОИ 2020 во Токио, откако славеше во квалификациската група Е.

Во првите два сета од мечот со Финска, репрезентацијата на Македонија беше рамноправна, имаше и водство од неколку поени, но во решавачките моменти беа направени грешки, малку и среќата не ги посака што резултира со тесно загубени сетови и пораз. За разлика од Македонија, која првпат е на ЕП, за Финска ова е седмо учество во низа, вкупно 18-то.

Ќе остане запишано дека Македонија, која е првата репрезентација по 10 години што дебитира на ЕП, по Естонија, освои еден сет на првиот меч што би требало да биде поттик и мотив на следните мечеви да се одигра исто толку добро и ангажирано и да се забележи првата победа што е една од целите и желбите. На македонските одбојкари не може многу да им се забележи за прикажаната игра. Добро сервираа, приемот беше на завидно ниво, иако може и треба да биде подобар, како и нападот.
– Не станува збор за поединци, тимот е најважен. Мораме да ги подобриме блокот и одбраната, да веруваме во себе, да ги кренеме главите високо и да одиме напред – изјави централниот блокер Ристо Николов.

В понеделник е дуелот со Белорусија, против која ќе се бара шанса за победа и во вторник е средбата со домаќинот Словенија.


ГРУПА Ц

Македонија – Финска 1-3
Русија – Турција 3-1
Словенија – Белорусија 3-0
Македонија – Турција вчера
Белорусија – Русија вчера
Македонија – Русија 17.30 ч.
Словенија – Финска 20.30 ч.