По СП во сите три конкуренции, тој само уште повеќе се зацврсти на светскиот врв.

Доминацијата на најдобриот шахист на денешницата, норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен, продолжува и на јануарската рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) и тоа во сите три конкуренции, класичен, забрзан и брз шах. По СП во сите три конкуренции, тој само уште повеќе се зацврсти на светскиот врв. Пред точно една година, рејтингот на Карлсен во класичен шах беше 2.834 поени, а по една година и 76 одиграни партии, Карлсен е сѐ уште број 1, притоа освојувајќи само еден рејтинг-поен повеќе (2.835) или 84 пати во низа (од јули 2011) или вкупно 90 пати..

Но, годинава ја почнаа уште тројца играчи со рејтинг над 2.800, од кои, четвртопласираниот на листата, членот на Алкалоид, Кинезот Лирен Динг (2.813), беше импресивен и со 100-те непоразени партии во низа во класичен шах. Втор на листата е Американецот Фабијано Каруана (2.828), кој лани го загуби мечот за светски првак од Карлсен, а трет е Азербејџанецот Шахријар Мамеѓаров (2.817).

Во однос на декември, нема промени на листата кај првите тројца во забрзан шах. Карлсен води (2.689), пред Американецот Хикару Накамура (2.845), кој сепак успеа да ја намали разликата на 34 поени, додека трет е Американецот Лениер Домингез (2.816). Новиот светски првак во забрзан шах, Русинот Данил Дубов (2.779) скокна од 40-то на 12-то место.

Карлсен ја одбрани светската титулата во брз шах и го зголеми својот рејтинг на неверојатни 2.954 поени. Полјакот Јан Криштов Дуда со второто место и освоените 16,5 поени на ова СП, со кои можел да го освои или подели првото место на последните три СП, се искачи од 47-та на седмата позиција и сега е еден од осумте играчи со рејтинг над 2.800 поени. Трет е Накамура (2.894).

Кај жените не се забележени големи промени. Во класичен шах води Јифан Хоу од Кина (2.662), пред нејзината сонародничка и светска првенка Венјун Ју (2.575) и Украинката Ана Музичук (2.569). Најдобар машки јуниорски рејтинг во класичен шах за јануари има Јан Криштов Дуда (2.738), а женски, Русинката Александра Горјачкина (2.518). 


Кирил Георгиев прв на македонската листа

ВМ Кирил Георгиев (2.595) е водечки и единствен со рејтинг над 2.500 поени на македонската листа за јануари или на 262-то место меѓу активните шахисти во светот. По него следуваат, актуелниот шампион на Македонија, ИМ Филип Панчевски (2.497), трет е ВМ Трајко Недев (2.495), четврти ВМ Владимир Георгиев (2.483), а петти ВМ Никола Митков (2.477). Најдобропласирана македонска шахистка моментно е ФМ Моника Стојковска (2.135) или на 38-то место на севкупната листа, односно на 677-то место меѓу активните шахистки во светот.
Водечка селекција во светот (се земаат поените на најдобрите 10 на листата) е Русија (2.740), пред Кина (2.711), додека трети се САД (2.702). Македонија (2.468) е на 51-то место од вкупно 185 држави. Г.И.