Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски, единствениот претставник на 35. Европско првенство (ЕП) во сала во Глазгов (од денеска до недела), ќе настапи на денешната трка на 3.000 метри (од 14.20 часот). Тој ќе трча во првото полуфинале, заедно со еден од најдобрите европски атлетичари, младиот, 18-годишен Норвежанец, Јаков Ингебригтсен.
Македонскиот рекордер на 3.000 метри, со време од 8:03,65 минути, ја исполни нормата со освојувањето на второто место на Балканското првенство во Истанбул, Турција, и се најде меѓу 30-те атлетичари што имаат право на настап на ЕП.
Ивановски, за кого ова е прво ЕП во сала, се наоѓа во добра форма и посакува резултат блиску до осум минути и нов рекорд на Македонија. Во Глазгов со него е тренерот Игор Јакимовски, под чиј надзор се подготвуваше во Белград и во Софија.
На ЕП во сала за сениори ќе учествуваат 637 натпреварувачи од 49 земји во машка и во женска конкуренција.