Претпоследниот ден од СП во атлетика во Доха ќе се памети најмногу по жестоката борба во фрлање ѓуле во машка конкуренција. За првпат во историјата на првенствата дури четворица атлетичари ја префрлија границата од 22,50 метри. Во таа неизвесна битка победи Американецот Џо Ковач со резултат од 22,91 метри, што е трето постигнување на сите времиња. Ковач беше светски првак во Пекинг, а во Лондон беше втор. Вечерва на втората позиција во последното фрлање со резултат од 22,90 метри дојде неговиот сонародник Рајан Кроусер, а со ист резултат, но послаба серија бронзениот медал го освои шампионот од Лондон Том Волш од Нов Зеланд.
За разлика од неизвесната и драматична борба во фрлање ѓуле, во трките на 1.500 и 5.000 метри за жени победија оние што во текот на целата трка диктираа темпо. На 1.500 метри победничка беше Холанѓанката Сифан Хасан со време од 3:51,95 што е нов рекорд на шампионатите и шести на сите времиња. По победата на 10.000 метри ова беше второто „злато“ на овој шампионат за Хасан. Втора беше Фаит Кипјегон од Кенија-3:54,22 минути, а трета Гудеф Цегаи од Етиопија со 3:54,38 минути.
Она што го направи Хасан на 1.500 метри го демонстрираше и Кенијката Хелен Обири во трката на 5.000 метри. Таа постојано ја контролираше трката и не го препушташе лидерското место. Со извонреден спринт во финишот Обири ја одбрани титулата од Лон дон, со резултат -14:26,72 минути. Втора беше нејзината сонародничка Маргарет Кипкоеч со 14:27,49 минути, а трета, што беше големо изненадување, низ целта мина Германката Констанца Клостерхалфен – 14:28,43 минути.
Во женскиот трискок Јулимер Рохас од Венецуела, која е и лидерка на светската ранг-листа, извојува уверлива победа со скок од 15,37 метри. Така, таа го одбрани „златото“ од Лондон. Втора беше Шениека Рикетс од Јамајка со 14,92, а трета двократната светска првенка Колумбијката Катерин Ибаргуен со 14,73 метри.
Во женската штафетна трка 4×100 метри титулата ја освои Јамајка, која беше предводена од Прајс. Резултатот од 41,44 секунди беше доволен за петтата светска титула на спринтерките од оваа Карипска земја. Втора беше Велика Британија-41,85, а трета штафетата на САД – 42,10 секунди.
Кај мажите Американците беа први со 37,10 секунди. Втора беше штафетата на Велика Британија-37,30, а трета Јапонија со 37,43.
Вечерва точно на полноќ ќе стартуваат и маратонците.