Македонската репрезентација со пласманот на ЕП 2020 го забележа најголемиот успех во фудбалската историја, по што тој спорт по години чекање се пласира на големо меѓународно натпреварување

Македонија 2020 година на спортски план најмногу ќе ја памети по фудбалот. Фудбалската репрезентација предводена од капитенот Горан Пандев, со Игор Ангеловски на селекторската функција, забележа историски успех и првпат се пласира на големо меѓународно натпреварување, на Европското првeнство (ЕП) што треба да се игра в година, од 11 јуни до 11 јули, во 12 града во Европа.

Македонската репрезентација до големиот успех дојде откако го освои првото место во групата Ц, лига Д, во Лигата на нациите (ЛН), а потоа славеше во плејофoт за едното место што од лигата Д водеше на ЕП. Датумот, 12 ноември, кога беше обезбеден пласманот на ЕП, со крупни букви ќе биде запишан во историјата на македонскиот фудбал. На континенталното првенство Македонија е во групата Ц, со Холандија, Австрија и со Украина, а мечевите од 13 до 21 јуни треба да се играат во Букурешт и во Амстердам. Фудбалот по години чекање се пласира на големо меѓународно натпреварување.

Во светот, од фудбалските моменти се издвојуваат, на пример, шестата европска титула на Баерн, центарфорот од Полска, Роберт Левандовски, кој ги освои признанијата за најдобар годинава и од УЕФА и од ФИФА, Ливерпул со првата англиска титула по три децении, Лион со седмата титула (петта во низа) во Лигата на шампионите за фудбалерки… Го­ди­на­ва и фудбалот се играше во услови на пан­де­ми­ја­, ко­ја до­не­се про­то­ко­ли, праз­ни три­би­ни, од­ло­же­ни нат­пре­ва­ри и пр­венс­тва, пре­ки­на­ти нат­пре­ва­ру­ва­ња, без­бед­нос­ни „ба­ло­ни“… по што мно­гу ра­бо­ти ста­наа но­ва нор­мал­ност. 


Голем број настани во следните 12 месеци

Следува богата фудбалска година, со Европско првенство, Копа Америка (двете во јуни и во јули), олимписки турнир (јули и август), две светски клупски првенства (едно во февруари, одложено од годинава, друго редовно, во декември), почеток на европските квалификации за пласман на СП 2022 (март, Македонија е во група со Германија, Романија, Исланд, Ерменија и со Лихтенштајн), регуларните два европски купа (финалиња во мај), а од есен и почеток на третото натпреварување, Конференциската лига…