Сево ова носи и поголема шаховска масовност кај нас. За ова доволно говори и фактот што од Македонија, на пример на ЕП во забрзан и брз шах настапија над 100 шахисти, што е мошне солидна бројка, вели ФМ Зоран Стојчевски, кој беше и директор на тоа ЕП, откако Македонија за една година е домаќин на четири големи меѓународни шаховски манифестации
Љубителите на шахот во Македонија, како во минатата година, и годинава ќе можат да уживаат во мајсториите на врвните европски и светски имиња на три шаховски настани. Лани во април се одржа традиционалниот меѓународен турнир „Карпош опен“ (165 шахисти од 37 држави, од кои 14 ВМ), потоа следуваше Светското првенство во решавање шаховски проблеми во Охрид (83 проблемисти од 19 држави, со дури 12 поранешни светски прваци), а како шлаг на сѐ беше декемвриското Европско првенство (ЕП) во брз и во забрзан шах во Скопје (над 400 шахисти од 37 држави, со 60 ВМ).
Сето тоа е само потврда дека Македонија позитивно пулсира, како што отчукуваат секундите на шаховските часовници и уште еднаш се докажа како одличен организатор на шаховски натпреварувања од највисок ранг, а уште повеќе, пак, придонесува играта на 64-те полиња позитивно да влијае на омасовување кај младите генерации шахисти.
– Успешно се спроведува стратегиската програма што ја испланира Гамбит Асеко СЕЕ пред 10 години, преку формирање шаховска школа, потоа носење врвни шаховски имиња, како што е поранешната светска првенка Александра Костењук, играње симултанки, организирање школски натпревари, Европскиот клупски куп, турнирите „Карпош опен“, брзопотезното ЕП во Скопје. А сево ова, сигурно дека носи и поголема шаховска масовност кај нас. За ова доволно говори и фактот што од Македонија, на пример на ЕП во забрзан и брз шах настапија над 100 шахисти, што е мошне солидна бројка – вели членот на овој клуб, ФМ Зоран Стојчевски, кој беше и директор на ЕП во брз и забрзан шах.
Сево ова кај челните луѓе на Европската шаховска унија не остана незабележано, па така на Скопје и годинава му ја довери улогата да биде домаќин на голем шаховски настан – поединечното ЕП во класичен шах (од недела). Во 2021 година, пак, во Охрид ќе се одржи и ЕП во екипна конкуренција.
– ЕП во брз и забрзан шах дојде како круна на сите наши заложби за развој на шахот во Македонија и тоа беше добар предвесник за поединечното ЕП во класичен шах, кое ќе почне в недела. Пофалби добивме од повеќе селекции, а од Чесите и од Азербејџанците и потврда дека на поединечното ЕП во Скопје ќе дојдат во многу поголем број. Патем, се збратимивме со рускиот шаховски клуб Петровскаја Ладја од Санкт Петербург, што значи дека во иднина со нив ќе разменуваме шахисти на турнири, а ќе соработуваме и на други шаховски полиња – појаснува Стојчевски.
ИМ Дејан Стојановски, кој беше 36-ти на ЕП во брз шах лани, вели дека како ланското, така и годинашново ЕП во Скопје е огромна мотивација за идните млади талентирани македонски шахисти. Новиот шампион на класичното ЕП во Скопје ќе биде познат по одигрувањето 11 кола по швајцарски систем, а засега се пријавени 363 учесници од 43 држави (145 ВМ). Најмногу има од Русија (49), следуваат Македонија и Турција со по 23.