Еден од терените на Вимблдон

За да се биде дел од кралската ложа на централниот терен, меѓу 74-та „привилегирани“, мора да се има кралско, аристократско потекло, да се биде висок армиски или владин службеник, славна спортска ѕвезда или да се поседуваат исклучително добри врски

Тенискиот гранслем-турнир на Вимблдон, 133-ти по ред (првиот е одржал во 1877 година), кој почнува денеска, во југозападниот дел од Лондон, и ќе трае до 14 јули, е многу повеќе од спортски настан, не само за Британците, кои со право се гордеат со него. Турнирот го нуди најдоброто во спортот и околу него во Англија и во Велика Британија, беспрекорните терени и зелените тревници наоколу, неизбежните свежи јаготки и кремот, како и страсната љубов кон летните спортови.

Англичаните велат дека на Вимблдон треба да се престојува во стил, имајќи ги предвид традицијата и почитување на протоколот. Работа на престиж e да се добие место во кралската ложа, која постои од 1922 година и е наменета за припадниците на британската аристократија, да се навива заедно со принцот Вилијам, со војвотките Кејт и Меган, со тениските легенди Мартина Навратилова и Били Џин Кинг! За да се биде дел од кралската ложа на централниот терен, меѓу 74-та „привилегирани“, и да се седи на темнозелените столчиња мора да се има кралско, аристократско потекло, да се биде висок армиски или владин службеник, славна спортска ѕвезда или, пак, да се поседуваат исклучителни социјално, спортски, па и политички врски. Само славата, не парите, може да ви обезбеди пристап во тоа опкружување.

Кралското семејство е тесно поврзано со Вимблдон од почетокот на минатиот век, од 1907 година. Тогаш принцот од Велс и принцезата Мери биле првите припадници на кралското семејство што ги следеле мечевите на турнирот. Во 1910-та тие ќе станат крал Џорџ Петти и кралица Мери и патрони на турнирот.
На спортски план, синот на кралот Џорџ Петти, принцот Алберт, идниот крал Џорџ Шести, во 1926-та настапил на турнирот (прв и единствен со „сина“ крв) и бил неславно елиминиран уште во првата рунда, со што завршила неговата активна тениска кариера.

Моментално, од 2017-та, патрон на турнирот е Кејт Мидлтон, наследувајќи ја кралицата Елизабета, која беше на оваа „функција“ од 1952 година.
За тие што нема да успеат да се најдат во кралското опкружување, резервната опција е билет за престижните места на трибините. Не е некој голем проблем да се дојде во нив, јасно, ако сте подготвени добро да платите. Билетите чинат од 2.600 фунти (2.900 евра), за првата недела од турнирот, до 3.000 фунти (3.340 евра) за втората недела, вклучувајќи и некои финалиња. Најбарани се билетите за двата блока најблиску до кралската ложа.

Надвор од тениските терени богатите можат да престојуваат во еден од најдобрите хотели во Лондон, луксузниот „Мајлстон“ во Кенсингтон, каде што ноќевање во двокреветна соба чини 1.570 фунти (1.750 евра), но во таа сума се вклучени и билети за централниот терен, како и ексклузивен пристап до рестораните и баровите.
За изнајмување куќа во близината на Вимблдон, како што практикуваат играчите и побогати семејства на тенисер(к)ите, сега е предоцна. Но за информација, изнајмена куќа со шест спални, базен, фитнес, приватно кино на само 15 минути пешачење од Вимблдон, чини 2.000 фунти (2.230 евра) за две недели.

За разлика од тенисер(к)ите, за кои постојат строги правила на облекување (исклучиво во бело), особено за славните посетител(к)и тоа не важи. Но, како што напиша Криси Тарнер во весникот „Телеграф“, постои непишано правило дека присутните треба да внимаваат како се облечени, особено ако се во областите на трибините каде што се почесните гости.

Главните елементи на кои треба да се внимава, пишува Тарнер, се променливото британско време, како на долгите растојанија од клуб до клуб, па затоа се препорачува повеќеслојна облека и поудобни обувки со ниски потпетици.
За оние со подолга коса, за средување постои дискретен локален фризер, каде што семејството на Роџер Федерер, особено сопругата Мирка, секоја година се дотерува. Третманот чини 162 фунти (180 евра) за жените, а за мажите потстрижувањето со масажата изнесува 132 фунти (147 евра). 


Руфус е страв и трепет за гулабите

Јастребот наречен Руфус е одговорен на терените на Вимблдон да нема гулаби. Тој е специјално обучен за таа задача и лета над терените секое утро пред почетокот на мечевите, обесхрабрувајќи ги гулабите и другите штетници, потсетувајќи ги на неговиот статус на предатор.
Руфус го наследи претходникот Хамиш во 2003 година, а неговата работна задача официјално се нарекува „плашило за птици“. Тој е присутен и на социјалните мрежи, на Фејсбук, како и на Твитер, каде што има над 10.000 „следбеници“, а се појави и во рекламата на пивото „стела артоа“.
Причината за ангажирањето на Хамиш, потоа и на Руфус, е проблемот со инвазијата на гулабите, кои, како и дождот, во минатото, честопати беа причина за прекин на мечевите!


Јаготките ќе се прелеваат и со вегански крем

Јаготките и кремот се „херои“ на Вимблдон, негов заштитен знак, храна што им се служела на тенисерите и на гледачите уште од првиот турнир во 1877 година.
Но годинава првпат во историјата на турнирот, легендарниот летен десерт во согласност со современите трендови ќе се нуди и како вегански крем направен од соја, како одраз на растечката популарност на диетата без месо.
Вимблдон ги набавува јаготките од иста фарма од Кент речиси 30 години, а секоја порција содржи точно десет парчиња и чини 2,50 фунти (2,8 евра). Тие се собираат рано наутро секој ден (во 4 часот!) и оттаму во најкраток можен рок стигнуваат до Вимблдон. Фармата обезбедува околу 28.000 килограми јаготки секоја година. Побарувачката секоја година се зголемува и во текот на наредните две недели на посетителите ќе им бидат понудени 190.000 порции, прелеани со 10.000 литри крем.
Друштвото за вегани соопшти дека одлуката да понуди веганска опција го отсликува брзиот пораст на веганството во Велика Британија, кое за четири години се зголемило на околу 600.000 вегани, или за 1,16 процент од населението.
Некои тенисерки, меѓу кои е и ланската шампионка Анџелик Кербер, како и Каролине Вознијацки, ќе носат високотехнолошка веганска опрема направена од рециклирана пластика, дизајнирана од Стела Макартни.


Крпите никој не ги враќа

Секоја година, за тенисер(к)ите на Вимблдон има 6.000 шарени крпи што ги произведува индиската компанија „Кристи“, а која во минатото правела крпи за кралицата Викторија.
„Кристи“ всушност прави околу 100.000 специјални крпи, од кои повеќето се наменети за продажба и се меѓу најбараните сувенири на турнирот. Доколку си купите некој од продавницата во Вимблдон за 29 фунти (32,3 евра), можете дури и да го персонализирате со свое име, бесплатно.
Со оглед на високите парични награди, играчите можат да си дозволат да си купат по неколку крпи како сувенири за пријателите и за семејството. Но, наместо тоа, тие ги задржуваат оние што ги користат за време на натпреварите.
Организаторите се жалат дека им се враќаат само околу 20 проценти од крпите. Во 2015 година, на пример, од 2.123 крпи дадени на тенисерите, само 564 им биле вратени. На жените им биле дадени вкупно 2.016, а биле вратени само 456.