Непалскиот шерпас Ками Рита се искачи на Монт Еверест по рекорден 23-ти пат, со што го урна сопствениот рекорд од минатата година.
Рита (49) се искачи на покривот на светот од неговата јужна страна денеска во 7 и 50 часот по локално време.
Алпинистот првпат се искачил на Монт Еверест во 1994 година, кога имал 24 години. Едно од неговите 23 успешни искачувања го направил од кинеска страна во 2016 година. Тој планира да го освои Монт Еверест 25 пати.
Сезоната на искачување на Еверест 2019 официјално почна во вторникот со осум шерпаси, непалски водичи за искачување, кои стигнале до врвот. Шерпасите го подготвуваат патот до врвот на планината, кој се наоѓа на 8,848 метри надморска височина, за другите алпинисти.
Оваа сезона речиси 1.000 луѓе ќе се обидат да ги освојат Хималаите.
Првпат на Монт Еверест се искачија Едмунд Хилари и Тензинг Норгај во 1953 година. Од тогаш на највисокиот врв во светот се искачиле околу 4.000 алпинисти, додека неколку стотици загинале обидувајќи се.