Последниот црн мршојадец што некогаш се гнездел на територијата на Република Македонија е забележан во 2005 година

По 20 години од исчезнувањето на последните единки на европскиот црн мршојадец во Бугарија, започна негова реинтродукција во рамките на европски проект од програмата „Лајф“, со пуштање на слобода две млади единки на Стара Планина. Во следните четири години, во рамките на овој проект, спроведуван од повеќе бугарски здруженија и координиран од Фондацијата за заштита на мршојадците (VCF), ќе бидат пуштени на слобода вкупно 50 вакви мршојадци, одгледани за оваа намена. Птиците ќе бидат опремени со сателитски предаватели, со чија помош ќе се следи нивното движење и ќе се овозможат поефикасно проучување и заштита.

– Ова е значаен чекор за заштитата на мршојадците на Балканот и потфат да се обнови оваа популација во Југоисточна Европа како важен дел за природниот екосистем – изјави Жозе Таварес, директор на Фондацијата за заштита на мршојадци (VCF).
Според Македонското еколошко друштво, во следниот период некои од овие птици ќе може да се забележат и во Македонија, бидејќи тие поминуваат големи пространства, барајќи храна или погодни места за гнездење.

– Иако ова е убава вест за заштитата на мршојадците, како и строго заштитениот црн мршојадец, заканите се големи за неговиот опстанок во Македонија, поради честата употреба на отрови за заштита на стадата, за контрола од глодачи и слично. Овој проблем е сериозен и во минатото ова беше една од главните причини зошто овие видови мршојадци се целосно истребени во Македонија. Ќе треба напорно да работиме во иднина во рамките на Балканскиот проект за борба против отрови, за да обезбедиме сигурна средина за размножување на овој строго заштитен вид – изјави Ненад Петровски, раководител на проект во Македонското еколошко друштво.
Во Македонија два од четирите вида мршојадци се исчезнати на почетокот на 21 век. Последниот црн мршојадец што некогаш се гнездел на територијата на Република Македонија е забележан во 2005 година. Според Македонското еколошко друштво, популациите на брадестиот и црниот мршојадец беа истребени поради прекумерна илегална употреба на отровни замки, наменети за контрола на предатори, но и поради недостиг од храна, уништување и вознемирување на нивните живеалишта.


Црниот мршојадец е граблива птица, која е еден од двата најголеми мршојадци од стариот свет. Црниот мршојадец е евроазиски вид. Овој мршојадец е птица што претпочита ридести, планински предели, особено суви полуотворени живеалишта на големи надморски височини. Тие секогаш се поврзани со далечни спокојни предели, со ограничено човечко присуство. Тие трагаат по мрши низ различни видови терен, вклучувајќи степи, тревни предели, отворени шумски предели покрај речни крајбрежја или секаков вид планински живеалишта. Се верува дека црниот мршојадец е најголемата птица од овој ред во светот. Кондорот, кој е малку поголем, сега се смета за птица што му припаѓа на друг ред. Птицата е долга 98-120 см, со 2,5-3,1 метри распон на крилјата. Достигнува тежина од 7 до 14 кг и се смета за една од најтешките летачки птици. Црниот мршојадец по боја е јасно темен, целото тело му е во темнокафена боја, со исклучок на посветлата глава кај возрасните. Во лет, оддалеку тие изгледаат како да се црни. Масивниот сино-сив клун им е најголем од кој било жив мршојадец.