Фото: Пиксабеј

Животни

Промената на полот кај птиците е многу почеста отколку што се мислеше претходно, открија австралиските научници. Откритието би можело да има значително влијание врз истражувањата и напорите за зачувување на загрозените видови, според студија објавена во списанието „Биолоџи летрс“.
Тимот истражувачи анализирале 500 единки од пет вообичаени вида птици што живеат слободно во Квинсленд и пронашле примероци со промена на полот кај секој од нив. Студијата покажала дека фреквенцијата на промена на полот се движи од три до шест проценти.
– Ова сугерира дека одредувањето на полот кај дивите птици е пофлуидно отколку што мислевме – рече коавторот на студијата, Доминик Потвин, од Универзитетот на Сончевиот Брег.
Индивидуите со промена на полот имаат физички карактеристики на едниот пол, но генетски состав на другиот. Овој феномен е познат кај рибите, водоземците и влечугите, но ретко е документиран кај дивите птици и цицачите.
Студијата ги проучувала австралиските страчки, кукабурите, гулабите со грмушки и виножитните лорики, а прегледот бил извршен по обдукцијата, откако животните биле примени во клиники за диви животни поради повреди или болести.
Научниците ја тестирале ДНК-та на птиците и ги идентификувале нивните репродуктивни органи.
– Едно од клучните откритија беше дека 92 проценти од птиците што го менуваат полот биле генетски женски, но имале машки репродуктивни органи – истакна Потвин.
Разбирањето како и зошто се случува промената на полот е клучно за попрецизно истражување и зачувување на птиците, веруваат научниците. Тие нагласуваат дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврдат причините за овој феномен, како и неговото потенцијално влијание врз загрозените видови.
Научниците претпоставуваат дека факторите на животната средина, вклучувајќи ги и хемикалиите што го нарушуваат ендокриниот систем, би можеле да играат значајна улога во овој феномен.