Животни
Кај нас е распространето верувањето дека кучка или мачка треба барем еднаш да има пород од здравствени причини, па дури потоа да се стерилизира. Ветеринарите сметаат дека тоа е заблуда и дека стерилизацијата може да се направи пред првото приплодување, од четири до шест месеци. Најновите научни откритија во светот покажаа дека маче може да се стерилизира веќе на два месеца. Оваа практика веќе се спроведува во британската академија „Батерси“ во Лондон, една од водечките институции во областа на заштитата на животните. Колку побрзо се направи стерилизацијата, толку мачките ќе бидат поздрави. Многу е подобро веднаш да се запре развојот на репродуктивниот систем. Организмот се приспособува, подобро се развива и се промовира правилен раст на другите органи во организмот.
Има голем број предности од стерилизацијата на мачките: животното нема да ја обележува својата територија со урина, помалку ќе ја напушта куќата, се намалува ризикот да се повреди во сообраќајот и да се бори со други мачки. Се намалува и ризикот од разни болести.
Во светот постојат голем број организации за заштита и посвојување животни, а една од познатите е британската академија „Батерси“ во Лондон, која постои 164 години, нејзиното седиште е во близината на Бакингемската палата и има 500 вработени на повеќе локации во главниот град на Англија. Нивната работа е поддржана од голем број донатори, а често богатите љубители на животни им ги оставаат во наследство нивните имоти и вили. Животните што се сместени овде живеат во добри услови. Кутиите се пространи, во стакло, со клима, а еден вработен се грижи за најмногу десет животни. Нивното искуство во стерилизација на животните е од големо значење за активистите што доаѓаат овде од целиот свет на обука и размена на информации, за да ги подобрат стандардите на грижа и во нивните домашни центри.
Кога зборуваме за посвојување, најчесто помислуваме на кучиња, но и мачките се загрозен вид. Се верува дека има од три до четири пати повеќе незгрижени мачиња отколку кучиња, но тие се помалку видливи, бидејќи се кријат и по тавани, покриви, дрвја… Познато е и дека мачките полесно го наоѓаат патот во дивината, ловат глодачи и гулаби, тие се добри контролори на штетници, но и ловат некои од нашите омилени птици, како што се врапчињата. Во Британија се користи и терминот работни мачки, за оние што не сакаат контакт со луѓе, а таквите мачки се посвојуваат на фарми каде што има многу глодачи.