Фото: Пиксабеј

Животни

Седите на кревет, удобно сместени покрај својот партнер и кучето одеднаш се сместува меѓу вас. Или сакате да милувате друго куче, но вашиот домашен миленик почнува да ’ржи или да скока на вас за да му посветите внимание само нему. Љубомора? Изгледа така. Што ја предизвикува љубомората кај кучето? Дали овие знаци навистина покажуваат љубомора или се случува нешто сосема друго и на кои знаци на љубомора треба да се обрне внимание?
Експертите што се занимаваат со корекција на однесувањето тврдат дека кај домашните миленици постојат неколку знаци на „љубоморни испади“. Ако кучето ги протега шепите или ве лиже, испушта различни звуци кога некоја личност или друго куче се приближува или има интеракција со вас, се пика помеѓу вас и друго лице или животно, се прилепува за вас, ви носи играчки или покажува трикови и покажува отворена агресија кон некое лице или животно, бидете сигурни дека е љубоморно.
Дали кучињата се способни да чувствуваат љубомора? Стручњаците велат дека за ова прашање треба уште многу да се истражува, бидејќи љубомората е секундарна емоција, заедно со чувствата како вина и срам. За да ја искуси, животното мора да има самосвест, меѓу другите сложени когнитивни функции, но не е потврдено дека кучињата ја поседуваат. Кучињата имаат богат емоционален живот, но нивните чувства не секогаш се совпаѓаат со човечките, па она што често го нарекуваме љубомора кај кучето може да биде барање внимание, фрустрација или дури чување на територијата. На многу кучиња најважни им се вниманието на сопственикот и нивната територија, па тие ќе се вмешаат за да се уверуваат дека не ги пропуштаат или губат тие вредности. Знаците на љубомора кај кучето може да бидат последица на неизвесност или несигурност. Доколку вашата рутина се промени или нова личност или животно му се приклучи на вашето домаќинство, кучето ќе стане несигурно и ќе бара утеха. Едно истражување во 2014 година откри дека кучињата покажуваат нешто што изгледа како љубоморно однесување, особено кога нивните сопственици покажуваат нежност кон играчка од мек материјал.