Се препорачува кучето пред патувањето добро да се истрча. На овој начин, тоа ќе исфрли доволно енергија од себе, па за време на патувањето ќе биде смирено и опуштено
Голем број сопственици на миленици се соочуваат со проблеми кога ќе дојде време за одмор. Многумина се одлучуваат да ги остават во специјални хотели, но има и такви што сакаат да ги земат со себе своите миленици. Еве неколку практични совети за да ви биде попријатно патувањето со вашиот миленик во автомобил.
Разговарајте со ветеринар
Ако одите првпат со куче на подолг пат и не сте сосема сигурни што да очекувате и како вашето домашно милениче ќе го прифати патувањето, најпаметно е прво да се консултирате со ветеринар. Тој може да ви препорача некои лекови против гадење при возење или за хиперактивност.
Пократко патување
Доколку не сте патувале на долги релации со вашето куче, првпат изберете некоја пократка релација, а потоа постепено зголемувајте ја должината на патувањето. На овој начин ќе го подготвите за подолго возење и ќе видите како се однесува и што можете да очекувате од него.
Понесете сѐ што ви треба
Најважно е да понесете доволно вода и храна за кучето. Земете ја храната на која е навикнат миленикот – но немојте да го храните додека возите. Земете и ќебиња, кеси за измет и крпи за него. Исто така, ако има некоја омилена играчка, понесете ја и неа и овозможете му да се чувствува поудобно додека патува.
Пренослива куќа
Иако може на прв поглед да дејствува малку сурово, експертите велат дека е добра идеја да се стави куче во транспортер, затоа што подобро да е фиксирано и да не се поместува. На кучињата не им пречи воопшто транспортерот, бидејќи во него повеќето се чувствуваат побезбедно. Освен тоа, нема да ви пречи при возењето, а патувањето ќе биде побезбедно и за вас и за миленичето. И во случај на несреќа, тоа ќе биде заштитено, но пред да тргнете на патување, навикнете го на транспортерот.
Наведнување низ прозорец е опасно
Доколку не сакате да ставите куче во пренослива кутија, не треба да му дозволите да излегува со главата надвор од прозорецот. Многу кучиња уживаат во тоа, но оваа навика може да биде многу опасна за нив, бидејќи нешто може да го удри при возењето, а доколку станува збор за помало животно, може и да падне.
Истрчување пред патување
Се препорачува кучето пред патувањето добро да се истрча. На овој начин тоа ќе исфрли доволно енергија од себе, па за време на патувањето ќе биде смирено и опуштено.
Да не се храни пред патување
Добро е кучето да се нахрани два часа пред патувањето. Со тоа ќе му се намалат мачнините во текот на патот.
Често правете паузи
Ако сте оделе со деца на пат, свесни сте дека паузите треба да се чести. Така што слична е ситуацијата и со милениците. Пуштете го кучето да се истрча малку, да си ги задоволи потребите, нешто да касне и да се напие вода. И никогаш не оставајте го само во автомобил, ниту со затворени прозорци.
Награда за добро однесување
Кога ќе стигнете до крајната дестинација, веднаш однесете го песот на прошетка и наградете го со некој деликатес за успешното однесување на патувањето.