Ако се сомневате дека кучето има некакви здравствени проблеми, најпрво посветете внимание на неговото однесување
Секако дека ветеринарот знае најдобро, но некогаш едноставни прегледи на вашиот миленик можете да направите и сами дома.
Кучињата се најолабавени кога се дома, па затоа ако се посомневате дека не им е добро, дека нешто не е во ред со нив, можете сами да направите неколку едноставни тестови и тогаш, доколку утврдите некоја промена, задолжително посетете ветеринар.
Ако се сомневате дека кучето има некакви здравствени проблеми, најпрво посветете внимание на неговото однесување, како на пример дали доволно јаде и пие вода, како изгледа, дали си игра и дали е расположено. Тоа секогаш се знаци што укажуваат дали вашиот миленик е здрав или нешто го мачи.
Измерете му ја температурата
Овој преглед и не им е баш најомилен на кучињата, исто како и на луѓето, но ова е прв чекор во идентификувањето на здравствената состојба. Дигиталниот ректален топломер е најпрецизниот начин, а ако сѐ уште немате таков време е да купите и да го имате во домашната аптека. На врвот на топломерот намачкајте малку лубрикант, за мерењето да биде попријатно. Нормалната температура кај кучињата е помеѓу 37,7 и 39 степени.
Измерете му го пулсот
Најдобар начин да му го измерите пулсот на вашиот миленик е да ја пронајдете феморалната артерија, која се наоѓа кај препоните. Избројте го бројот на отчукувања во текот на петнаесет секунди и тој број помножете го со четири. Пулсот кај кучињата варира, а за нормален се смета оној помеѓу 80 и 120 отчукувања во минута. Пулсот на помалите кучиња е побрз за разлика од поголемите.
Прегледајте му ја главата
Носот треба да е чист и мазен. Очите – бистри, чисти, со неколку видливи крвни садови и со зеници со иста големина. Ушите – чисти и суви. Кога лесно ги масирате ушите кучето не би требало да се побуни, туку да изгледа релаксирано. Да има чисти и бели заби, розови непца, влажни на допир.
Гледајте го градниот кош додека дише
Градниот кош треба олабавено да се поместува додека кучето дише и издишува, без никаков напор. Секое вдишување и издишување треба да биде идентично. Нормално е во текот на една минута кучето да вдише петнаесет до триесет пати. Малите кучиња дишат побрзо од големите.
Прегледајте му ја кожата
Кожата на здравото куче е мека, без видливи рани или оштетувања и без мирис. Освен кај кучињата со остри влакна, влакната би требало да се меки и сјајни. Доколку забележите рани или првут – посетите ветеринар.
Проверете му ја хидрираноста
Наједноставниот тест е да му ја стиснете кожата на вратот или на грбот, и доколку таа веднаш се врати во првобитната положба, тогаш кучето е добро хидрирано. Доколку на кожата ѝ треба повеќе време да се врати во почетната состојба или забележите дека е набрана, тоа значи дека е дехидрирано.
Прегледајте му го стомакот
Лесно притиснете го стомакот на вашиот миленик и проверите дали чувствувате некакви израстоци. Проверете дали му е пријатно на кучето или нешто го боли. Веднаш по јадењето, во делот под градите, лево под градниот кош треба да забележите зголемување на тој дел од стомакот, што е целосно нормално. Секоја друга невообичаена или неудобна реакција од кучето додека лесно му го притискате стомакот, значи дека постои некој проблем со стомакот или со внатрешните органи и дека е време за посета на ветеринар.