Сопствениците на мачки што сакаат да ги фотографираат своите миленици сега имаат нов изговор да ги извадат своите паметни телефони, бидејќи со помош на апликацијата „Табли“ можат да откријат во какво расположение е нивната мачка и дали има некакви болки. Канадската компанија за здравствена технологија за животни „Силвестер.аи“ ја разви апликацијата „Табли“, која со помош на камера на телефон може да открие дали мачката чувствува болка. Апликацијата ги гледа положбата на ушите и главата, стеснувањето на очите, напнатоста на муцката и како се менуваат мустаќите, за да открие неволја.
Една студија од 2019 година, објавена во списанието „Сајентифик репортс“, откри дека таканаречената „скала за гримаси на мачки“ или ФГС е валидна и сигурна алатка за процена на акутната болка кај мачките.
– Апликацијата им помага на сопствениците на мачки да знаат дали нивната мачка трпи болки или не. Успеавме да ја обучиме „машината“ користејќи компјутерско учење и голем број слики – рече Миш Прист, водечки претприемач на „Силвестер.аи“.
Апликацијата исто така може да им помогне на младите ветеринари, кои сѐ уште немаат доволно искуство. Апликацијата што користи примероци од слики на лица на мачки може да биде корисна, но сопствениците на мачки, исто така, треба да го испитаат целото тело на нивното милениче.