Синоним за летото е секако праската. Иако може да се најде веќе во пролет, нејзината сезона е до крајот на летото. Овој сочен плод од дрвото Prunus persica е со тркалезна форма со црвено-жолта боја, а површината ѝ е покриена со мов. Постојат повеќе видови праски, а обично се делат на каланка (оние од кои лесно се вади коската), дуранције (тешко се вади коската) и нектарини (праска со мазна кора). Која било праска и да ја претпочитате, нејзиниот вкус нема да ве остави рамнодушни.
Праските се нискокалорични, затоа што во 100 грама содржат само 40 калории. Обично содржат 87-90 отсто вода, 11 отсто јаглехидрати, додека се оскудни со масти и со протеини. Од витамините праските најмногу содржат бета-каротен и витамин Ц. Бета-каротенот е црвено-портокалов пигмент што се наоѓа во овошјето и во зеленчукот, а познат е уште како и провитамин А. Доколку во организмот го има доволно, влијае како антиоксиданс. Од минералите во праската најмногу ги има калиумот, фосфорот, магнезиумот и калциумот. Праската е ретко овошје што во себе содржи селен. Нектарината, за разлика од другите видови праски, има помалку витамин Ц, но повеќе бета-каротен и поголема калориска вредност.

Лековитост
Праските се освежително овошје поради големиот процент вода што го содржат, а имајќи ја предвид и нивната мала енергетска вредност, идеални се за диета. Праската го прочистува организмот и ја подобрува работата на органите за варење.
Антиоксидансите со кои е богата праската, во облик на бета-каротен, витамин Ц и Е, други каротеноиди и други фитохемикалии, ги спречуваат слободните радикали во нивното дејствување, кои се нестабилни молекули и кои настануваат при оксидација на клетките. Со консумирање праски и друго овошје што е богато со антиоксиданси ќе ги спречите хроничните заболувања, кои настануваат при дејствувањето на слободните радикали.

Приготвување јадења со праска
Праските се најдобри во свежа состојба, но тие исто така можат да се варат, да се конзервираат, сушат или печат. Свежи, варени или печени праските можат да се користат во овошните салати и во салатите со зеленчук. Во некои светски кујни праските можат да го заменат мангото, особено во јадењата со ракови. Со варењето можете да добиете вкусен компот, мармалад, желе, сос или ликер.
Кога се десертите во прашање, свежите праски, компотот или мармаладот се користат за преливи, украсување на колачите и сладоледите. Во комбинација со алкохолот може да се добие и одличен коктел.

Потекнува од Кина, од каде што и датираат првите податоци за праската – 1.000 години пр. н.е., каде што дрвото на праската се смета за дрво на животот, а самото овошје е симбол на бесмртноста и на единството. Токму затоа праската била и омилена овошка на кинеските императори. Подоцна патувајќи преку Персија го добила своето име Prunus persica. Токму во Персија, праската била откриена од Александар Велики, кој преку своите походи ги донел праските во Европа. Оттука продолжува патувањето на праската низ Европа, за на крајот да биде однесена во англиските колонии во Америка.
Историските факти за праската се секако забавни. Меѓутоа, дојдовме до некои помалку познати, а попривлечни факти.

– Праската порано била позната како персиско јаболко.
– Изреката „слатка си како праска/сладок си како праска“ потекнува од кинеската традиција да се понудуваат со сок од праска личности кон кои некој чувствувал љубов.
– Денес постојат повеќе од 700 вида праски. Некои од нив, одгледувани во Кина, се дури и рамни и сплеснати како пак за хокеј.
– Од 1982 во САД, август се слави како месец на праската.
– Во САД праската денес е трето најпопуларно овошје, и дури 25 отсто од светското производство на праска доаѓа од САД.
– Праската се консумира и како афродизијак.
– Освен што има богата историја, како овошје праската е богата и со витамини и со хранливи материи, кои спречуваат многу заболувања во организмот.