Ако внимавате на вашата исхрана, особено на внесот на јаглехидрати, важно е да знаете колкаво количество шеќери внесувате во текот на денот. Тоа значи да внимавате и на оние здрави шеќери што ги содржат плодовите како што е овошјето. Иако тоа е дел од здравата исхрана, поради високата содржина на микронутриенти, витамини и минерали, некои плодови содржат многу високо количество шеќери со кои ќе ја надминете границата на препорачаниот дневен внес од вашиот план на исхрана.
Зошто треба да го избегнувате овошјето со многу шеќери?
Намалувањето на внесот на шеќери се прави за да го поттикнете вашето тело да влезе во состојба што се вика кетоза, а се однесува на метаболизирање на мастите и на протеините како извор на енергија, што во превод значи ослободување од сè што е вишок. Во секој случај, за да спречите нагли промени во нивоата на инсулин во крвта, во текот на денот морате да внесете храна што содржи природен шеќер. Заради тоа што со летото доаѓа и поголема желба за консумирање овошје што ќе ве освежи, ви давам листа на плодови со најниска и највисока содржина на шеќер, за да знаете како вашиот избор ќе влијае на вашата телесна форма.
Овошје со најниска содржина на шеќери
Лимон и лимета – ова се два вида овошје што имаат најниска содржина на шеќер. Можеби не се меѓу вашите омилени поради киселиот вкус, но тие ви овозможуваат да внесете многу нутриенти со само 1 грам шеќер по овошка.
Авокадо – богато со здрави моно и полинезаситени масти и само 1 грам шеќер, авокадото е одличен избор за храна кога сакате да го намалите внесот на јаглехидрати. Освен тоа, одлично се вклопува во салати, во комбинација со тост или со оризови галети.
Малини и капини – овие вкусни бобинки се идеални за ужина или како додаток во појадок и во десерти. Десет малини содржат само 1 грам шеќер и 10 калории, а 5 големи капини содржат 5 грама шеќер.
Брусница – ова овошје, кое е богато со витамини, минерали и со растителни влакна, се смета за природен антибиотик и има многу ниска содржина на шеќер. Во половина чаша брусница има само 2 грама шеќери.
Јагоди – една јагода со средна големина содржи 1 грам шеќери, а има одличен вкус за ужина или како додаток во вашите оброци.
Овошје со висока содржина на шеќери
Смокви – една смоква содржи 10 грама шеќери.
Манго – еден плод содржи 31 грам шеќери, што би требало да го стави на списокот на „забранета“ храна кога сакате да го намалите внесот на јаглехидрати.
Цреши – иако се вкусни и најверојатно едно од вашите омилени овошја, една чаша цреши содржи 13 грама шеќери и 77 калории.
Грозје – една рака од ова вкусно овошје содржи повеќе од 6 грама шеќер.
Банани – една банана содржи 14 грама шеќери, но поради високата содржина на калиум и енергија ова овошје често ќе го најдете во фитнес-плановите за исхрана, особено како оброк пред тренинг.
Консумирањето овошје е одличен начин да ги одржувате вашето здравје и имунитет. Затоа, препорачливо е да внесувате барем еден плод дневно, но доколку внимавате на внесот на јаглехидрати, избирајте овошје со ниско количество шеќер за да не го нарушите балансот во вашата исхрана.
Текстовите и информациите во рубриката „Здрава храна“ се исклучиво од информативен карактер и не може да ги заменат професионалните медицински и здравствени совети, прегледи, дијагнози или терапии. Пред започнување каква било нова терапија, промена на постојната или воведување каков било режим на вежбање или диета – задолжително консултирајте се со лекар.