Здрава храна
Маракујата е егзотично овошје. Потеклото на ова тропско овошје е Јужна Америка, поточно Бразил, Колумбија, Парагвај и северните делови на Аргентина. Оттаму, маракујата почнала да го освојува светот, прво во делови од планетата каде што може да се одгледува, а тоа се региони каде што нема мраз: Австралија, Нов Зеланд, Индија, Мексико, потоплите региони на САД, Африка и Азија. Ова тропско овошје го консумираат потрошувачите во разни делови од светот често во форма на сок или некој друг пијалак, бидејќи е доста скапо кога е свежо. Што се однесува до вкусот, тешко е да се опише бидејќи има специфична освежителна арома што не потсетува на ниту едно друго овошје. Во некои земји, на маракујата ѝ се припишуваат афродизијачки својства, а многумина веруваат дека има позитивен ефект против стресот и нервозата.
Маракујата има кружно-овална форма, како киви или лимон, а нејзината боја се движи од светложолта до темновиолетова. Може да се јаде како киви или авокадо: исечете ја на половина, а потоа користете лажица за да ја изгребете вкусната внатрешност. Жолтата маракуја е поголема, со големина на грејпфрут или калинка, додека виолетовата е многу помала и покисела од жолтата, но има поинтензивен вкус и арома. Таа е сочна и содржи многу витамин Ц. Во свежа состојба, 100 грама имаат енергетска вредност од 97 калории и содржат 22,4 грама јаглехидрати, од кои 11,2 грама се шеќери, а 10,4 грама се влакна. Содржи минимално количество масти – само 0,7 грама, протеини 2,2 грама, вода 72,9 грама, витамин А, бета-каротин.
Маракујата ги намалува несоницата и болката, а исто така помага во намалувањето на депресијата, нервозата, анксиозноста и стресот.