Здрава храна
Да се биде умерен пред богата трпеза за време на претстојните декемвриски и јануарски слави е доблест. Секој потфат го следат искушенија, па така и диетата. Што да прават лицата што пред одредено време почнале да се хранат рестриктивно, токму пред сезоната на празници и слави, кога на трпезата има изобилство висококалорична храна?Ако се послужат малку и се почестат, последиците нема да бидат значајни за продолжување на диетата и остварување на поставената цел. Меѓутоа, ако се продолжи со ваквото мени, тогаш е загрозено продолжувањето на диетата и остварувањето на целта е доведено под прашање.
Најлошото решение е по прославата да се гладува. Тоа никогаш не треба да се прави. Мерата е да се продолжи со поставениот план на исхрана. Дали е можно да се држи диета за време на празници? Можно е, но токму тогаш најдобро се гледа колку се силни мотивацијата и волјата. Со правилно распоредени оброци, умереност и секако консумирање нутритивно вредна храна може да се избегнат такви предизвици.
Навременоста е основа на здрава исхрана. Најдобро е да се одреди кога во текот на денот се јаде, со прецизно мени и со придржување кон него. Поголемите осцилации во времето на јадење значат и поголем ризик. Умереноста во исхраната е доблест, како и во животот воопшто. Здравата храна и приготвувањето се срцевината на секоја добра диета.

































